Заев од Дебрца: Влогот во инфраструктурата е влог во развојот

Премиерот Зоран Заев/ Фото МИА

 Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска го започна караванот на „Најдоброто за мојата општина” во Белчишта во Општина Дебрца, од каде порача дека се обврзуваат да донесат водовод и канализација онаму каде нема, а каде што има, редовно ќе го одржуваат и унапредуваат.

„Ќе продолжат инвестициите во атмосферска канализација, како и реконструкција на улиците во општините, локалните и полски патишта. Токму затоа влогот во инфраструктурата е влог во развојот. Комуналната инфраструктура останува во нашиот фокус, а општините плански ќе ги зајакнуваат капацитетите на јавните градски претпријатија. На тој начин ќе го поттикнеме развојот на секоја општина, без разлика дали е таа мала или голема, урбана или рурална. Секоја општина ни е важна“, нагласи Заев.

За четири години, посочи, изградиле и реконструирале над илјада километри патишта, 60 градинки, 80 училишта, 60 објекти за полицијата, 34 здравствени установи, 20 домови на културата, театри, општински згради.

„Покажавме дека има пари во државата и да растат платите и да се инвестира во капитални проекти. Има пари во државата оти сега тие не одат на споменици, на барок, на палми, жални врби и криминални тендери. Денес секој денар од Буџетот се троши рационално, во проекти кои носат придобивки за граѓаните. Во овие четири години како никогаш досега се инвестираше во патната и комуналната инфраструктура насекаде низ државата. Кога ги димензиониравме инвестициите сериозно внимававме на рамномерниот развој, вложувавме повеќе и финансиравме повеќе проекти во руралните и општините кои цела деценија беа заборавени“, нагласи Заев.

Чистата вода за пиење, здравата животна средина, уредените улици и патишта, градинките и училиштата, смета тој, се огледало на една општина и најважни за тоа какви услови за живот имаат граѓаните.

„Влогот во овие проекти е влог во иднината, затоа што тие остануваат да им служат на граѓаните со години и децении. Затоа како Влада и како општини, сиот фокус го ставивме на овие проекти и зад себе имаме сериозни резултати. И тука во Дебрца се инвестираше во такви проекти кои го олеснуваат животот на граѓаните, а општината ја прават поразвиена. Пробиени се и асфалтирани улици и локални патишта, поставени се водоводи, а преку ТАВ програмата ја финансираме изградбата на фекална канализација со пречистителна станица во село Лешани“, рече Заев.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот