Заев од Брисел: Европската комисија ја смести Северна Македонија на листата на најголемите достигнувања на ЕУ

Фото: Влада

Прeмиерот Зоран Заев, денеска ја започна дводневната работна посета на Брисел, информираат од Влада.

Премиерот Заев денеска оствари средба со Претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер после што одржаа и заедничка прес-конференција на која учествуваше и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.

Заев констатираше дека минатата недела Северна Македонија го доби најпозитивниот извештај до сега откако сме држава кандидатка за членство, со чиста и безусловна препорака на Европската комисија за почеток на преговорите за членство.

-Денеска на средбата со претседателот Јункер и комесарот Хан дознавме дека Европската комисија во известувањето за изминатиот петгодишен мандат ја смести Северна Македонија и нејзиниот успех, на листата на 20 најголеми достигнувања на Европската унија во овој период. Тоа е за нас огромно признание и уште поголем поттик – соопшти премиерот Заев на прес конференцијата и додаде дека за 12 месеци, земјата ги завршила реформите во целост, односно темелно ги имплементирала Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија.

Премиерот Заев рече дека земјата е пример за соработка и пријателство во регионот, а на внатрешен план општество што покажува политичка зрелост и европски манири.

– Целосно сме подготвени за почеток на преговорите. Сега, на потег се државите членки и институциите на Европската унија. На потег е Европа да покаже дека стои на зборот. Тој потег треба да биде јасен и исклучиво врз основа на нашите заслуги, а во интерес на развојот на Унијата и во интерес на перспективите на целиот наш регион – нагласи премиерот Заев.

Заев истакна дека Европа е силна и уникатна бидејќи секогаш знаела да води и внатрешни реформи, и политика на проширување.

– Во исто време, отворањето на преговорите за нашето пристапување во ЕУ е единствената гаранција за одржување на домашната стабилност, и за одржување на реформскиот импулс во Северна Македонија, со позитивни ефекти за целиот регион на Западен Балкан –  потенцираше премиерот Заев.

Во својот дел од обраќањето на прес конференцијата заедно со премиерот Заев и комесарот Хан, Претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер му честиташе на Претседателот на Владата на РСМ и на целата држава за историските чекори преземени во претходните две години и нагласи дела земјата е светол пример во регионот и пошироко.

Јункер истакна дека Северна Македонија е подготвена за следниот чекор, за отворање на преговорите и дека тој ќе ја брани земјата и овој став секогаш.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот