Заев очекува исчекор од Бугарија, а за употребата на „македонски“ не мисли да разговара

Договорот од Преспа прави јасна дистинкција кога се употребува придавката „македонски”, тоа е наша идентитетска придавка. Патот напред се решенија преку дебата и разговори. Реално очекувам пријателска Бугарија  да направи исчекор, изјави денеска премиерот Зоран Заев .

– Придавката „македонски” е употреблива насекаде во светот на сите меридијани низ светот. Тоа е признаено. Тоа е идентитетска наша придавка. Нормално законот за ратификација на Преспанскиот договор прави јасна дистинкција кога зборуваме за Владата на РСМ, за МЗ на РСМ и таа дикстинција е јасна. Но, кога зборуваме за македонската историја, кога зборуваме за македонската политика, за македонскиот исток како што е Штип, кога зборуваме за македонскиот народ, кога зборуваме за македонско, Македонец, македонска и слично секако придавката е идентитетска и таа е јасно дефинирана. Така што, во овој дел апсолутно нема никакви дилеми – рече премиерот Заев при денешната посета на Штип.

Тој одговараше на новинарско прашање какви ќе бидат наредните чекори по неуспехот на Заедничката историска комисија да постигне каков било напредок на дводневната онлајн-средба што заврши вчера.

– Жалам што Комисијата не  направи некој посериозен исчекор. Не е лесно ни за политичарите, ни за експертите во очи на одлуката на ЕУ на видео-онлајн конференција која се снима, веројатно се немало доволно храброст, инветнивност или снаодливост од двете страни за да се направат исчекорите – потенцира Заев.

Според него, решенијата со записник се потврдени од двете страни и за цар Самоил и за Кирил и Методиј и за Климент и Наум, а употребата од двете страни во учебниците треба да биде во духот на тоа пријателство кое што е најдено.

– Дебата која што ја имале и дали е доволно тие 25 реченици да бидат во самите учебници или треба да  се зборува и дополнително за цар Самоил и за другите историски ликови за коишто немат резерва ниту македонската ниту бугарската страна е тоа што е причината за  неизнаоѓање решение. Јас верувам дека патот е тој, друг пат нема. Треба да продлжиме да разговараме, треба да направиме се што постои од наша страна, да оставиме можност дури и да се одложи ова прашање за следната година. Дај боже да се реши сега, ако се реши сега ќе им помогнеме на граѓаните,  ќе им помогнеме на двете држави – посочи Заев.

Тој е оптимист дека Бугарија ќе направи позитивен исчекор во однос на нашите евроинтеграции иако земјата ја очекуваат избори во март следната година.

– Јас реално очекувам пријателска Бугарија да направи исчекор. Иако е реално, знаат и самите, знаеме и ние дека секогаш на секое поглавје може да биде застанат процесот за сите земји, па така и за Северна Македонија. Имајќи го тоа предвид имаме акциони планови, имаме наративи, меморандуми како да ги забрзаме процесите на градењето на уште поголемо пријателство помеѓу Македонците и Бугарите, но и сите граѓани. Верувам дека можеме да успееме на тој пат. Во најмала рака, како што реков на 11 окотмври и неколкупати предупредив знаејќи ја суштината на разговорите, нема да не изненади, треба да бидеме подготвени дека ќе се одложи ова прашање. Бугарија имаше разбирање кога беа изборите во Северна Македонија, сега има избори во Бугарија. Не велам дека тоа е причината, но не е исто кога сте пред избори и кога не сте пред избори – потенцира Заев.

Дециден е дека има голем потенцијал за унапредување на соработката како помеѓу две соседни и пријателски земји.

– Треба да дадеме шанса заради тоа што сме соседи. Заради тоа што сме пријатели има огромни потенцијали на унапредување на соработката од двете страни. Со тоа уште еднаш треба да знаат сите дека македонскиот јазик,  македонскиот народ, македонската национална посебност ниту е тема за разговор, ниту е на маса за разговор, ниту пак, некој разговара за тоа. Во делот на историјата работа е на експертите и професионалците. Ќе изнајдат решение. Треба да ги цитираме документите што постојат. Низ тие документи да гледаме низ позитивниот аспект на пријателството, а не низ негативен дел којшто не разделува. Тоа е европската иднина, тоа се европските зборови со кои треба да зборуваме и тоа е начинот на градење на пријателство – рече премиерот Зоран Заев денеска во Штип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот