Заев: Имаме земја призната од светот, ВМРО-ДПМНЕ може да учи од нас што е патриотизам

Ние не сме патриоти што седиме до светските лидери и држиме говори еден по друг, не сме патриоти што го дигнавме нашето знаме пред седиштето на НАТО? Ова е патриотизам и можат само да учат, вели Заев.

Успеавме да оствариме вековни соништа на нашите претци. Имаме парче земја призната од целиот свет, исто како и јазикот и идентитетот. Триесет години ниту еден политичар немаше мудрост и храброст да донесе одлука, истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев на вечерашната трибина во Кавадарци.

Осврнувајќи се на различното толкување на патриотизмот од страна на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Заев рече дека цели генерации се уништиле за да можат политичарите да останат на власт и да имаат моќ, но оти денес државата е призната од целиот свет и впишана во архивите на ООН.

– Кога зборував на македонски јазик во Европскиот парламент и кога изустив дека ми е драго што можам да зборувам на нашиот македонски јазик, цел Парламент аплаудираше и потврди дека нашиот јазик постои. И сега, тие се патриоти, а ние не? Оние кои го слават Тодор Александров, тие се патриоти? Оние кои го негираат Блаже Конески се патриоти? Ним во кодот им е да бидат криминалци, од историјата со шверцот со опиум до денес. Ние не сме патриоти што седиме до светските лидери и држиме говори еден по друг, не сме патриоти што го дигнавме нашето знаме пред седиштето на НАТО? Ова е патриотизам и можат само да учат. Ние го остваруваме тоа што три децении само се зборува и се ветува и сега кога е исполнето, ние не сме патриоти – нагласи Заев.

Ги повика граѓаните на 15 јули да излезат и да ги изберат, како што рече, вистинските патриоти, оние кои и мислат добро на државата и кои ја градат европската иднина на државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот