Заев и Анѓушев: Влогот во стартап бизнисите е за заеднички напредок и прогрес

Премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, имаа свои обраќања на настан во организација на Фондот за иновации и технолошки развој за промоција на 48 стартап-проекти добитници на финансиска поддршка од двата повика на „Стартапувај“.

– Кога треба да ги поддржиме младите луѓе и нивните иновативни бизнис-идеи тогаш задоволството е обострано и е најголемо. Вложувањето во вашите стартап-бизнис идеи е вложување во иднината и во нашиот заеднички напредок и прогрес“, рече Заев.

Тој им се обрати на добитниците на грантови од повикот „Стартапувај“ и потенцираше дека младите луѓе се носители на промената што се случува во нашата земја.

– Јас сум уверен дека сите овие 48 проекти ќе бидат успешни и ќе донесат нова додадена вредност во нашата економија и на свој начин ќе го подобрат нашиот заеднички живот. Фондот за иновации и технолошки развој заедно со Светска банка обезбеди средства во висина од 1,8 милиони евра како финансиска поддршка за овие проекти“, нагласи премиерот.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека денешното време е време на стартап-компаниите.

– Амазон, Фејсбук, Тесла, Епл се компании кои започнале како стартапи, имале брз раст, а денес вредат многу. Друг пример е Mobile Eye, стартап-компанија од Израел, кои го иновираа системот за самоуправувачки возила, а е продаден за двоцифрена вредност во милијарди. Владата ги креираше мерките од Планот за економски раст токму во таа насока, за поддршка на компаниите технолошки да се развиваат и да внесуваат иновативни решенија и резултатите покажуваат дека мерките се искреирани правилно“, порача Анѓушев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот