Забрчанец за „Политика“: Граѓанин од Врање со неколку кликови може да аплицира за работа во некоја кумановска компанија

Марјан Забрчанец/Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Од почетокот на март оваа година, уште еден проект од иницијативата „Отворен Балкан“ станува реалност, односно станува опиплив бенефит за граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија. Пазарот на труд на трите државни станува заеднички, а со тоа регионот оди чекор поблиску до европскиот единствен пазар на труд, посочува Марјан Забрчанец, Национален координатор за „Отворен Балкан“ и за регионални иницијативи за српска „Политика“.

– Ги отстрануваме административните бариери со цел полесно барање и наоѓање работа во која било од трите држави, за кој било граѓанин од трите држави. Станува збор за директна примена на европските економски слободи, полесно да се наоѓа работа, полесно да оди протокот на луѓе и услуги. Оваа мерка придонесува кон поголема економска конкурентност, кон пополнување на празнините на пазарот на труд за секоја од државите, кон нови работни места, повисоки плати односно кон раст и развој на економијата во регионот – вели Забрчанец.

Тој додава дека граѓаните кои го отпочнале процесот сведочат дека првата фаза од постапката се завршува за неколку минути, целосно електронски. Нема потреба од одење по шалтери и по институции во било која од трите држави.

– На пример, ако граѓанин од Врање е заинтересиран за работа во некоја кумановска компанија која отвора нови работни места, најпрво тој треба да отиде на веб сајтот на српската Е-управа, да извади електронски идентификациски број за Отворен Балкан. Понатаму со тој број се логира на македонскиот портал за Е-услуги и таму аплицира за сертификат за слободен пристап до македонскиот слободен пазар на труд. Тука следи еден чекор кој што подразбира проверка од безбедносен аспект, а таа активност е во надлежност на македонското Министерство за внатрешни работи. МВР го проверува тој апликант низ стандардна безбедноста постапка, што не смее да трае повеќе од 30 дена. Штом стигне одобрувањето од МВР, на апликантот по автоматизам му се издава сертификат за слободен пристап до македонскиот пазар на труд, после што може да пристапи кон аплицирање за работа во посакуваната компанија. Со издавање на сертификатот лицето добива и автоматска дозвола за престој во државата за која аплицира во времетраење од две години – потенцира Забрчанец.

Тој заклучува дека од моментот на наоѓање работа и склучување договор со работодавецот, натаму по однос на работнички права, пензиско, здравствено осигурување, начин на исплаќање на плата и слично, продолжуваат да важат сите правила и легислативи на националното законодавство. Во тие делови нема никакви промени, се останува како што било и досега, нагласува Забрчанец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот