За првпат научно ќе се следат кафеавите мечки и ќе се знае колку од нив живеат во македонските шуми, велат од МЕД
Македонија, преку Македонското еколошко друштво (МЕД) и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), ќе учествува во европски проект за зачувување на кафеавата мечка што ќе се спроведува во девет земји на Балканот.
Препорачано
Динаро-пиндската популација на кафеавата мечка се протега низ територијата на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Косово, Хрватска, Црна Гора, Србија и Словенија. Оттука, со околу 4.000 единки, на Балканот се наоѓа најголемата популација на мечки во Европа, поради што, како што велат од МЕД, нејзиното зачувување е истовремено и голем предизвик и голема неопходност.
„Преку научен пристап и методологија, за првпат ќе се направи мониторинг на кафеавата мечка во Македонија, што ќе придонесе кон зачувување на нејзината екологија. Овој проект ќе ни овозможи да добиеме одговори на повеќе прашања за нејзините живеалишта, популација и улога во екосистемот, вклучително и на прашањето колку мечки воопшто живеат во македонските шуми“, посочија од МЕД.
Оттаму нагласуваат дека кафеавите мечки отсекогаш биле прогонувани, иако ги избегнуваат луѓето. Како најголеми сештојади на континентот, тие имаат клучна улога во нивниот екосистем, ги регулираат биодиверзитетот, структурата на живеалиштата и циклусите на хранливите материи.
Хрватска, Словенија и Грција досега имаат пракси за зачувување и закрепнување на популацијата на мечката, но нејзината долгогодишна одржливост е доведена во прашање поради разни конфликти меѓу човекот и мечката, како и поради загрозените живеалишта.
Оттука, идејата на целата иницијатива е да се соберат сите правни, управувачки и социо-економски аспекти за да се осигура зачувувањето на популацијата на кафеавата мечка долж Динаро-Пиндскиот планински масив. Исто така, да се пополнат празнините во управувањето со мечката во земјите кои не се дел од ЕУ и прекугранично да се договара и управува со популацијата.
Воедно, партнерство да има и меѓу универзитети и истражувачки институции, национални и локални власти и невладини организации од областа на екологијата и животната средина, што во случајот кај нас се МЕД и МЖСПП.


