За помалку од 12 часа распродадени се 50.000 влезници за концертот на Дејвид Гета во Скопје
Концертот на француската диџеј-ѕвезда Дејвид Гета, кој ќе се одржи на 8 септември во арената „Тодор Проески“ по повод 35 години независност на Македонија, официјално е распродаден за помалку од 12 часа.
Препорачано
Од „Авалон продукција“ соопштија дека е распродаден целиот капацитет на арената, односно продадени се сите 50.000 влезници.
„Повеќе од 250.000 луѓе, голем дел од нив во ист момент, се приклучија на avalonbooking.mk, што предизвика потешкотии при логирањето и купувањето влезници кај дел од корисниците, земајќи предвид дека побарувачката евидентно го надмина капацитетот и бројот на достапни влезници“, соопштија организаторите.
Од „Авалон“ информираа и дека сите посетители кои успешно купиле билети своите ПДФ-влезници ќе ги добијат најдоцна до недела, 17 мај, бидејќи треба да се процесираат вкупно 50.000 влезници.
Според статистиката што ја објавија организаторите, дури 93 проценти од билетите биле купени од корисници од Македонија, додека останатите 7 проценти завршиле кај посетители од различни земји во светот.
„Се гледаме на 8 септември во Арена ‘Тодор Проески’“, порачаа од „Авалон“.

Влезниците за концертот се продаваа по симболична цена од 35 денари, бројка што асоцира на 35-годишнината од независноста. Со таа цена, 50.000 продадени билети донеле нешто помалку од 30.000 евра.
Остатокот од средствата за организацијата на прославата ќе се финансира од државниот буџет, но Владата засега не открива колкава е вкупната сума што ќе биде потрошена за настанот.
Од Владата претходно соопштија дека подготвуваат „достојно, репрезентативно и современо“ одбележување на Денот на независноста, со централен настан од меѓународен карактер и продукција „од највисоко ниво“, но без конкретни детали за финансиската конструкција.


