Фото: Општина Аеродром

За општинарите Аеродром блеска од чистота, граѓаните велат – не е така!

Судејќи според објавите на Општина Аеродром на социјалните мрежи, оваа општина треба да блеска од чистота, со негувано зеленило и уредени паркови.

Веќе неколку месеци наназад, од Аеродром речиси секојдневно информираат и споделуваат фотографии како нивните комунални работници метат по улиците, како косат трева и ги празнат кантите со отпадоци.

И во последната објава поврзана со косењето трева, оттаму велат дека комуналците се секојдневно на терен и се грижат за околината.

Нашиот Аеродром е препознатлив по пространите тревници, убавите паркови, големиот број детски игралишта и современите спортски терени. Екипите на ЈП за Комунални дејности на Општина Аеродром секој ден се на терен и се грижат за секое катче. Животната средина е нашето заедничко богатство, да ја чуваме и да ја негуваме за сите нас, за нашите деца, за идните генерации – напишаа од Аеродром на Фејсбук.

Но, оваа нивна „радост“ околу одржувањето на јавните површини низ општината не ги споделуваат токму оние за кои се наменети – жителите на оваа Општина.

Мини депонија на булевар Јане Сандански/ Фото: Жител на Општина Аеродром

Дел од нив сметаат дека Општината не треба да се фали со нешто што и е секојдневна обврска, како што е косење трева или собирање отпад, додека други тврдат дека ваквите објави се „алиби“ за тоа дека малку се сработува од она што е ветено.

Некои од жителите оценуваат дека всушност општината никогаш не била волку запуштена и нечиста.

Катастрофа е низ цела општина Аеродром, само во одделни мали делови е средено, сѐ друго е крш….Во нашиот најголем и најубав парк Бели парк позади „Лук оил“ помеѓу ниските сини згради е вистински хорор.. Градоначалникот може да прошета да ја разгледа населбата, а не само на исти места да се коси, да се чисти, да се средуваат патеки и да се слика – коментира жител на оваа општина на Фејсбук.

Камиончето за ѓубре ги празни контејнерите и кога е најголема гужва во парк – морало така да биде!

Некои од граѓаните посочуваат дека е неопходно да се осветлат темните точки низ Аеродром, да се засили чистењето на населбите и да се заменат скршените корпи за отпадоци.

Направете увид и на детските игралишта, на пример, во очајна состојба е игралиштето познато како печурка – се предлага во еден во коментарите под официјалите објави на локалната самоуправа.

Неискосена трева? Фото: Жител на Општина Аеродром

Граѓаните посочуваат и конкретни локации каде комуналците треба да се фатат за работа.

Особено е нечисто во Стар Аеродром, околу „Меѓаши“. За чудо, тука е и пунктот на „Паркови и зеленило“. Неискосено, ѓубре насекаде, искршени контејнери, еден контејнер за 4 згради (над 300 семејства)… Уште ли да набројувам! Дефинитивно сме најнечист град во Европа!!! Најдете решение! Веќе нема оправдувања! Доста беше! – реагира еден од граѓаните.

Фотографиите што ги споделува Општина Аеродром многу се разликуваат од оние на граѓаните. Но вистина е дека за она што се редовни обврски на општинските служби нема потреба да се информира, а не пак секојдневно, особено по многубројните забелешки од жителите кои сигурно стигаат и до „увото“ на општинарите.

И ова не важи само за Општина Аеродром, туку и за сите други локални самоуправи кои ги сликаат активностите што им се во пописот на редовните обврски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот