За Мицкоски крајот на постмониторингот на Советот на Европа е „историски момент, рамо до рамо со Денот на независноста“
За премиерот Христијан Мицкоски денешното признание од Советот на Европа за напредокот на земјата и затворањето на постмониторингот претставува историски момент за Македонија и е подеднакво важен како и денот на прогласувањето на независноста.
Препорачано
„Ова е историски ден, би рекол рамо со рамо со денот кога беше прогласена независноста на државата“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по настан на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – Еразмус+.
Со ова завршува 26-годишниот процес на следење на исполнувањето на обврските преземени од земјите членки според условите на Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и сите други конвенции склучени во рамките на Организацијата на кои се обврзале земјите членки.
Тој нагласи дека и земјите кои се сметаат за фронтранери во регионот, како Бугарија која е членка на ЕУ, сега дури пред три месеци излегла од постмониторингот на Советот на Европа.
„За разлика од нас, оние земји што ги сметаат за фронтранери во регионот, Црна Гора или Албанија, сè се уште во мониторинг или се во постмониторинг. А само пред три-четири месеци земја членка на Европската Унија, како Бугарија, излезе од тој постмониторинг, сега и ние излергуваме. Тоа е само признание за нивото на демократија во државата“ рече Мицкоски.
Според него, ова е најголем демант за тоа дали владата врши притисок врз слободата на говорот, квалитетот на демократијата и владеењето на правото, како и сите процеси кои што ги мониторира Советот на Европа.
Тој рече дека наскоро ќе се слушнеле и други добри вести за државата, а лагите што ги ширеле од опозицијата рече дека излегле на површина со признанието кое што денеска го добила државата во поглед на повеќе области.
„Еве нема поголем демант, од овој што дојде директно од Стразбур, од Советот на Европа, којшто вели дека Македонија како држава е зрело демократско општество, владее правото, нема замолкнување на слободна медиумска мисла, се почитува слободата на говорот“, рече Мицкоски.
Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) изгласа Резолуција за затворање на постмониторинг дијалогот со Македонија, со што Собранието одлучи да продолжи да ги следи случувањата преку својот механизам за редовен периодичен преглед. Со ова завршува 26-годишниот процес на следење на исполнувањето на обврските преземени од земјите членки според условите на Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и сите други конвенции склучени во рамките на Организацијата на кои се обврзале земјите членки.
Совет на Европа: Македонија постигна напредок, заврши 26-годишниот постмониторинг дијалог


