Фото: „Слободен печат“, Жана П. Божиновска

Совет на Европа: Македонија постигна напредок, заврши 26-годишниот постмониторинг дијалог

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на својата јануарска сесија изгласа Резолуција за затворање на постмониторинг дијалогот со Република Северна Македонија. Со ова, како што е објавено на страницата на Советот на Европа, Собранието одлучи да продолжи да ги следи случувањата преку својот механизам за редовен периодичен преглед.

Во текстот на Резолуцијата, подготвен од известителите Сибел Арслан од Швајцарија и Џозеф О’Рајли од Ирска, се наведува напредокот на земјата во владеењето на правото, заштитата на човековите права, демократијата, соработката со телата на Советот на Европа, а се признава и политичката посветеност за исполнување на обврските преземени уште во 2000 година.

Како што информираат од собраниската прес-служба, мониторинг комисијата има важна улога да го следи исполнувањето на обврските преземени од страна на земјите членки според условите на Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и сите други конвенции склучени во рамките на Организацијата на кои земјите членки се обврзале.

Исто така, се поздравуваат и мерките преземени за борба против корупцијата и посветеноста на земјата за решавање на проблемите со човековите права со кои се соочува ромската заедница, иако проблемите остануваат, како што се реформирањето на механизмот за „балансирање“ во врска со пристапот до вработување во јавниот сектор, примената на Законот за употреба на службените јазици и почитувањето на правата на лицата кои припаѓаат на бугарското етничко малцинство.

Понатаму, ПССЕ останува загрижено за „ниското ниво на перцепирана судска независност и бројните обвинувања за политизација на судството“, како и застарената инфраструктура на судството и неговите недоволни човечки и финансиски ресурси. Исто така, изразена е загриженост за бројните обвинувања за широко распространета корупција низ јавниот сектор и ги повика властите целосно да ги спроведат преостанатите препораки на ГРЕКО.

Забележувајќи дека повеќе од 30 пресуди на Европскиот суд за човекови права во врска со Северна Македонија сè уште треба да се спроведат, ПССЕ ги повика властите целосно и брзо да ги спроведат.

Се забележува и за наводите за малтретирање на лицата во притвор и загрижувачката ситуација во затворите, па се повикуваат властите „без одложување да ги спроведат преостанатите препораки на КСТ, во соработка со Банката за развој на Советот на Европа“.

Во дебатата за оваа точка учествуваа сите членови на делегацијата на Собранието, Иванка Василевска, заменик-шеф, и членовите Беким Ќоку и Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот