За граѓаните што тешко се движат изградени пристапните рампи на пешачкиот мост во Сарај

После неколкумесечни активности, завшена е изградбата на пристапните рампи за лицата со потешкотии во движењето кон пешачкиот мост во Сарај. Како што информираат од ЈП „Улици и патишта“ двете пристапни рампи се поставени паралелно со скалите што водат до мостот.
Првата рампа, што се наоѓа на северната страна и го поврзува кејот на река Вардар со постојниот мост е целосно изработена од челична конструкција во должина од 12 метри. Втората рампа е на јужниот дел и го поврзува мостот Сарај со пешачката патека во самиот парк. Пристапната рампа е изградена од бетонски дел и од челична конструкција во должина од 34 метри. Пристапната рампа е проектирана и изведена според сите стандарди и нормативи за проектирање на овој вид рампи – велат од претпријатието.
Оттаму информираат дека во текот на градежните работи ги санирале и оштетувањата на скалите и оградата на мост.
Пристапните рампи ќе им овозможат полесен пристап до мостот во Сарај на лицата коишто имаат потешкотии во движењето, на родителите со мали деца, повозрасните граѓани, како и велосипедистите и на сите коишто се рекреираат во тој дел од градот – велат од „Улици и патишта“