За гладните навивачи: Брзи закуски за фудбалските фанови

Фото: Pixabay
Фото: Pixabay

Во ек на Европското првенство во фудбал, додека ги следите фудбалските натпревари, задолжителни се вкусните закуски со чаша ладен пијалак. За вистинско гастрономско уживање, додека ги следите фудбалските натпревари, ви носиме неколку интересни идеи за брзи закуски. Доволно е малку труд, неколку квалитетни состојки и добра волја да се подготват.

Пица од тава

Вистинските љубители на пица ќе речат дека ваквата верзија е празна, но можете да си поиграте со филови што ќе ѝ дадат посебен полн вкус. Замесете тесто од 200 г брашно, 75 мл вода, 40 мл масло, по една лажичка прашок за печиво и сода- бикарбона и малку сол. Тестото можете да го приготвите и еден ден претходно и да го чувате во фрижидер. Потоа расукајте го да биде со големина на тавчето во кое ќе ја печете пицата и печете го додека добие румена боја. Па превртете го од другата страна и почнете да го редите филот. Прво слој од доматен сос или кечап, потоа рукола, свежи сечкани домати на коцки или чери-домати исечкани на коцки, чаден лосос и кашкавал по избор.

Додека вие го наредите филот, од долната страна пицата ќе биде веќе печена и готова за послужување. Ако сакате да имате стопен кашкавал на пицата, тогаш изрендајте го веднаш над сосот до домати, поклопете ја пицата да се растопи кашкавалот, па потоа наредете ги другите
продукти.

Ароматични стапчиња од лиснато тесто

Имате силна волја за грицки, но залихите ви се празни? Извадете го од фрижидер замрзнатото лиснато тесто и направете брзински стапчиња со зачини. За таа цел треба тестото (околу 200 грама) прво да го одмрзнете, потоа да го расукате малку, но да не биде премногу тенко, па да го исечете на ленти со дебелина три сантиметри. Одозгора секое стапче премачкајте го со матена жолчка, посолете, посипете со лук во прав и сечкан рузмарин и печете ги 15 минути во рерна загреана на 200 степени. Секако можете да ги искористите сите зачини кои ви се омилени и кои ги имате дома.

Крцкав леб полнет со кашкавал и лук

Лебот можете да го полните со што и да посакате, а подготвен е максимум за половина час. Најдобро од сè е што можете да го искористите вчерашниот сув леб. Засечете го одозгора хоризонтално и вертикално да добиете коцки, но не ги сечете до крај.

Лебот треба да остане цел. Потоа во процепите наредете парчиња од изладен путер па наполнете ги со мешавина од рендан кашкавал, дробено фета сирење и сечкана црвена пиперка и лажица сечкан магдонос. Ставете го лебот во плех обложен со хартија за печење, покријте го со фолија и печете го во рерна загреана на 180 степени околу 15 минути. Извадете ја фолијата и допечете го уште десетина минути.

Лути погачки со сирење

Погачките со сирење се совршени за брза закуска. Главна ѕвезда во ова јадење е чедар кашкавалот, како и пикантната лутина на црвениот пипер. Тестото се прави од 300 г брашно, 25 г шеќер, 2 лажици прашок за печиво, 1 лажичка сода, ½ лажичка сол, ¼ лажичка лут црвен пипер, 100 г путер, 100 г рендан чедар, 250 г кисело млеко разматено со малку вода, 1 јајце, 1 лажица вода. Сите состојки освен јајцето се матат во еден сад и се добива тесто кое потоа треба да го размесите кратко на побрашнета подлога. Расукајте го да биде дебело еден и пол сантиметар и исечете кругови. Премачкајте ги со жолчка, наредете ги во плех со хартија за печење и печете ги 15 минути.

Мафини со тиквички и сланина

За обожавателите на тиквички, овие мафини збогатени со сланина се вистинско уживање. Од 350 г брашно, 1 прашок за печиво, 220 мл јогурт, 100 мл млеко, 2 јајца, 2 лажици маслиново масло, и по 1 лажичка сол и црн пипер замесете тесто, така што во еден сад ќе ги измешајте сувите, а во друг течните состојки и потоа ќе ги споите со мешање. Во ова додајте 270 г рендани и исцедени тиквички и 50 г рендан тврд кашкавал, па измешајте уште еднаш да се соединат состојките. Смесата редете ја во калапи за мафини во кои имате ставено по едно тенко парче сланина. Наполнете до три четвртини од калапот и печете ги на 175 степени до 30 минути.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот