За да ви биде зимницата како онаа на баба, мора да се држите до неколку правила!

Фото: Профимедиа

За зимницата сите се согласуваат, потребно е време и трпение. Ја подготвуваат оние што сакаат организирана и добро снабдена остава. И кои уживаат во нејзиното консумирање, исто колку и во нејзиното приготвување.

Ако сте решиле и оваа година да подготвите зимница, освен што знаете што точно да јадете, долгорочно можете да заштедите и да си направите услуга на своето здравје.

„Конзервираниот зеленчук не се разликува значително по хранливата вредност од свежите верзии. Со варење или печење на зеленчукот, се губат витамините чувствителни на топлина, особено витамините Ц и Б2, но факт е дека загубата на другите есенцијални хранливи материи е релативно мала. Така, на пример, содржината на минералите не се менува значително со конзервирање на овошјето и зеленчукот, а истото важи и за прехранбените влакна. Енергетската вредност на зимницата е исто така слична на свежите плодови и генерално е многу ниска, поради што киселите овошја и зеленчуци се добредојдени намирници на трпезите на оние кои внимаваат линијата“, велат нутриционистите.

За зимницата да биде здрава, треба да имате на ум дека чистотата е половина зимница, па затоа пред да започнете со сечкањето, темелно измијте го целиот потребен прибор.

„Мора да внимаваме зеленчукот да биде зрел, да нема видливи дамки или испакнатини и да ги отсечеме оштетувањата. Со подготовката на зимницата во согласност со сезоната, се обезбедува квалитетна храна“, советуваат нутриционистите.

Иако зеленчукот не смее да биде презрел, исклучок се доматите. Изберете зрели и меки домати бидејќи зимницата ќе биде повкусна, а за подобра арома поиграјте си со зачините. Квалитетниот оцет, сол, зрна бибер, чили пиперка, лук и копар секогаш се добредојдени. Цвеклото одлично оди со ким и рен, морковите со шеќер и лимон или оцет, а краставиците и копарот се „неразделни“. Босилекот служи како конзерванс бидејќи содржи линалол, цинеол и други антисептички состојки што ги уништуваат штетните бактерии во храната и го спречуваат нивниот раст.

Заедно со босилекот, природни конзерванси се сенфот и ренот, кои заедно со шеќерот, солта, оцетот или алкохолот се додаваат во храната за да се спречи расипување. Но, освен на состојките, треба да се внимава и на „алатот“, односно на садовите.

Стаклените садови измијте ги добро исушете ги во рерна. Нека бидат врели ако во нив се става врела течност или смеса.

Ако користите гумени тапи или капачиња, при конзервирањето создадете вакуум. Чувајте ги на суво и темно место, а идеално би било на температура од 10 степени. Исто така, потребно е да се овозможи циркулација на воздухот помеѓу садовите за зимница.
Теглите треба претходно да се стерилизираат, а при затворањето внимавајте да има што помалку воздух.

Совети за подготовка на зимницата

– Изберете квалитетно овошје и зеленчук, без оштетувања.
– Измијте ги или проварете ги теглите пред употреба.
– Оцет полнете најмалку 2 см над работ на зеленчукот.
– Оцетот го спречува развојот на микроорганизмите.
– Теглите чувајте ги на темно и суво место.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот