Уште една недела кампања за двојните избори – еве на што се фокусираат политичарите

Во понеделник на 6 мај на полноќ треба и официјално да заврши кампањата за двојните избори и да настапи молк. До тогаш, продолжуваат митинзите – политичките чинители одат од град во град и од село во село – бараат поддршка за да ја освојат власта на 8 мај.

Претседателските кандидати на двете најголеми партии, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова продолжуваат да имаат средби со жители. Денеска Пендаровски ќе биде во Велебрдо и Маврово, а Силјановска Давкова во Могила, Ресен, Демир Хисар и Битола.

Пендаровски вчера рече дека гласовите на кандидатите што отпаднаа се блиски со концептот за кој што се залага тој. Потсети дека неговиот концепт е за Македонија во која сите се рамноправни, без намерно и вештачки продуцирани делби.

„Само изборот за бројот 1 е рецептот за успех на државата, се друго е рецепт за продолжена агонија, за враќање на режимот кога еден човек, една фамилија, една партија решаваа за судбината за 1,8 милиони луѓе“, рече Пендаровски.

Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, вчера беше во посета на Дебар и Ростуше, каде што изјави дека е уверена дека граѓаните ќе гласаат, како што рече, „за подобрите“.

„Ние не агитираме, не ви велиме дека мора да гласате за нас, ама знаеме за кого ќе гласате. Ќе гласате за подобрите, ќе гласате за оние кои носат промени, а не за оние кои велат дека грешеле ама сега ќе се обидат тоа што го згрешиле да го поправат, бидејќи тоа е невозможно“, изјави Давкова во Дебар.

Во меѓувреме, трае и кампањата за парламентарните избори.

Ковачевски од Гостивар порача дека СДСМ никогаш нема да се откаже од своите вредности.

„СДСМ секогаш била рамо до рамо со граѓаните и за време на сите економски, здравствени и енергетски кризи. Се согласувам дека грешките повеќе ги паметиме. Знам дека ниту на вас граѓаните не ви беше лесно во последните години. Но, ние во ниту еден момент не се откажавме од вас и успеавме да се избориме со енергетската и економската криза. Затоа вечерва барам вие да не се откажете од нас“, рече Ковачевски.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на средбата со граѓани во Кичево, истакна дека Европскиот фронт е долгорочен и не е за една употреба.

„Да дејствуваме до полноправно членство на земјата во ЕУ, како единствена алтернатива бидејќи немаме друг пат, додека не и кажеме ДА на Европа, нашата определба да бидеме членка на ЕУ за неколку години, како единствено решение за луѓето да не бараат подобар стандард надвор од земјата“, изјави Ахмети во Кичево.

Мицкоски во Кочани истакна дека однесувањето на СДСМ и ДУИ ја подрива европската идеја, и народот не ги идентификува со Европа. Најавувајќи дел од програмските определби за идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, тој нагласи дека таа силно ќе се посвети и ќе работи на подобрување на неповолната демографска состојба во државата.

„Демографската слика ни е многу важна, семејството ни е многу важно затоа што сето ова што заедно со народот го правиме и ќе го правиме, ако нема дечиња кои што се раѓаат во градовите и селата, ќе нема кому да му го оставиме и чуму тогаш да го работиме“, рече Мицкоски.

Коалицијата „Вреди“ во Тетово ја презентираше програмата „План 2030“. Тие ветуваат нов устав со Албанците како второ мнозинство во државата, прекугранична економска зона со Албанија и Косово, инвестиции од 500 милиони евра за инфраструктура во албанските општини и 800 евра минимална плата.

Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија,  Максим Димитриевски, во Кавадарци порача дека се роди нова политичка опција, трета опција во државата.

Апасиев во Прилеп рече дека очекуваат над 80.000 гласови и двоцифрен број пратеници за да може во идниот парламент, како што рече, „да спречиме многу штетни политики“.

Политичката партија АВАЈА вети дека ќе инвестираат во образованието, трансформирање на институциите, и дека ќе им служат граѓаните.

Нова Алтернатива на Данела Арсовска беше на терен во Виница.

„Ги промовираме програмските заложби, граѓаните имаат можност да се запознаат со нашите иницијативи и да се придружат на движењето за правда, правичност и просперитет за Македонија.  Еден од најголемите проблеми во Виница е големата невработеност која опфаќа над 46% од работоспособното население, поради која граѓаните ја напуштаат државата и се иселуваат со надеж дека ќе обезбедат работа и подобар живот“, напиша Арсовска на социјалните мрежи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот