Интервју со Весна Микиќ: Александар е поенергичен и поведар од мене, разликата во годините не ја чувствувам

Весна Станоевска Микиќ и Александар Микиќ со децата / Фото: Приватна архива

За љубовта со Микиќ кој е постар од Весна 15 години, како е да си мајка на близнаци, за љубовта кон харфата и за многу други теми зборуваме со Весна во интервјуто за „Слободен печат“.

Харфистката Весна Станоевска Микиќ, една од малкуте кај нас, ужива во харфата како музички инструмент. Инаку, што се однесува до приватниот живот, Весна 16 години е во брак со актерот Александар Микиќ. За љубовта со Микиќ кој е постар од Весна 15 години, како е да си мајка на близнаци, за љубовта кон харфата и за многу други теми, зборуваме со Весна во интервјуто за „Слободен печат“.

Весна, прво што ми паѓа на памет во овој разговор, е твојата љубов кон харфата. Кога се роди желбата за овој инструмент?

– Со музика почнав да се занимавам од петгодишна возраст во „Илија Николовски – Луј“ и нижото музичко училиштето го завршив на инструментот пијано. Потоа се подготвував за средното музичко, многу слушав музика и отсекогаш харфата ме привлекуваше како звук, но мислев дека тој отсек го нема во школото сè додека не го слушнав низ ходниците. Тогаш беше јасно дека харфата ќе биде моја животна определба. Професионално почнав да свирам пред да дипломирам уште во трета година на студии, свирев хонорарно во Оркестарот на опера и балет и во Филхармонијата…

Фото: Приватна архива

Кога ја купи првата харфа, каков е овој инструмент, освен што е голем и тежок, веројатно и скап. Можеш ли малку повеќе да ни раскажеш?

– Првата и моја единствена педал Салви харфа ја купив од Италија кога имав 25 години. Освен што е голем, тежок и скап инструмент, исто така е и доста сложен по својот механизам, има 47 жици и 7 педали што ги означуваат тоновите на скалата подредени во три нивоа.

Сè помалку музичари се нафаќаат да свират на харфа. Зошто интересот е мал за овој инструмент?

– За жал, да, тоа е тажната вистина. За да се мотивираат и да се упатат талентираните деца да го изберат овој инструмент треба најпрво музичкото школо и Министерството за образование да купат еден инструмент за малите надарени деца од нижото школо и еден инструмент за поголемите деца во средното музичко образование, да се купуваат редовно жици, да се има пристојни услови каде што ќе може да вежбаат, со еден збор да се негува отсекот харфа.

Да ја оставиме настрана малку музиката. Како е да си мајка на близнаци, особено кога беа мали. На која возраст се сега Иво и Ена?

– Ена и Иво сега се трето одделение и имаат 9 години. Тие се многу добри и умни деца. Да, сите што имаат близнаци знаат точно колку е тежок патот да се пораснат, многу непроспиени ноќи, настинки итн., да не набројувам сè, но, за среќа, сето тоа се заборава еден ден. И сега имаме обврски околу нив, но сега се поголеми и е многу полесно.

Фото: Приватна архива

Дали си строга мајка и кој повеќе попушта, ти или Александар?

– Не сум строга, мислам дека преку блискост со децата, разговор и примери се решаваат многу работи. Строгоста некако не ми е доблест, а и не сакам децата да се плашат од мене. Попуштаме и двајцата, и јас и Александар, секогаш кога сметаме дека може да се попушти како секој родител.

Со Микиќ сте подолго време во брак, како денес гледаш на разликата во годините меѓу вас?

– Заедно сме 16 години и искрено не ја чувствувам разликата. Сопругот сè уште е поенергичен и поведар од мене, иако јас сум помлада. Се запознавме на приватна забава, а ме привлече неговата спонтаност, смислата за хумор, шармот.

Фото: Приватна архива

Како е да се биде во брак со актер, особено како Микиќ, кој важи за еден од најангажираните кај нас?

– Нормално, барем мене ми е најнормално, хаха… Сепак, нашите професии се многу блиски и има разбирање меѓу нас.

Како жена, колку внимаваш на изгледот, имаш ли време за себе и како ја одржуваш убавината?

– Секогаш внимавам на изгледот и на негата на моето лице. Шминка користам дискретно, не ми е потребна многу. Имам свој стил на облекување, во кој се чувствувам удобно и ненаметливо.

Фото: Приватна архива

Што те исполнува, а што може да те извади од такт?

– Секој успешен концерт или претстава во Опера и балет ме исполнува. Ме исполнуваат прошетките, патувањата, а што ме вади од такт… уф, во моментов не ми текнува.

За крај, дали ќе има уште еден проект како „Урбан пулс“?

– „Урбан пулс“ беше ново возбудливо искуство за мене во електроакустичен ритам за соло харфа со лента за кое се направи и видеозапис. Ова лето ќе учествувам на еден нов проект, кој ќе се одржи во Крива Паланка, прогласен за град на културата за 2024, со проектот „Читаме и сликаме музика“, каде што ќе настапиме јас соло харфа, Александар ќе чита поезија и Весна Илијевска – ликовен уметник ќе слика на платно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот