Анализа на „Политико“: Кој може да ја наследи Урсула фон дер Лајен?!

Претседателката на Европската комисија сè уште е јасен фаворит за добивање на втор мандат на извршната власт на ЕУ. Но во тие кругови се игра нова возбудлива игра (главно од политичари, дипломати и функционери кои го критикуваат шефот на Комисијата) за тоа кој би можел да ја добие работата, ако не фон дер Лајен? Пишува во „Политико“ во анализата за случувањата во ЕК.

Подолу се тркачите  на кои им се нуди или како вистински алтернативи или како начин да се изврши притисок врз Фон дер Лајен да извлечат отстапки од неа.

Марио Драги

Зошто? 76-годишникот водеше широка италијанска коалиција додека не се распадна во 2022 година, а неговото име често се појавува кога меѓународните лидерски улоги остануваат празни. Досега, поранешниот италијански премиер и претседател на Европската централна банка беше главно поврзан со функцијата претседател на Европскиот совет (кога ќе си замине Шарл Мишел).

Драги веќе се врати во густата политика на ЕУ, работејќи на планот на официјален Брисел да го направи блокот поконкурентен, што ќе го испорача веднаш по изборите во ЕУ, кога европските лидери ќе се пазарат за главните работни места во блокот. Згора на тоа, тој е близок со францускиот претседател Емануел Макрон.

Шансите на Драги за нов претседател на ЕК, „Политико“ ги оценува со „два од пет“.

Како втор потенцијал кандидат за оваа функција се посочува актуелната претседателка на Европскиот парламент, Роберта Мецола. Вршејќи ја оваа должност, Мецола се докажа како некој кој успева да остане над политичките расправии, а покажа и лидерство во надворешната политика, особено со тоа што беше прв лидер од ЕУ што го посети Киев по почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

Во прилог на Мецола би можело да оди и тоа што таа е од Малта, па евентуалниот нејзин избор би значело дека блокот земји од јужна Европа би добиле една од водечките функции во ЕУ. Мецола на социјалните мрежи зачестено објавува фотографии на кои е во друштво со лидери на членки на ЕУ, како неодамнешните со премиерите на Грција и Полска, Киријакос Мицотакис и Доналд Туск, што може да се толкува како обид да покаже дека има поддршка од носителите на високи функции во Унијата.

Сепак, „Политико“ на Мецола и дава исти шанси за функцијата претседател на ЕК, како и на Драги со „два од пет“.

Трет можен кандидат за раководител на извршното тело на ЕУ е претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) и поранешна директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард. Таа би била многу сериозен кандидат за функцијата доколку Макрон инсистира на тоа место да се најде „француски кадар“. Во нејзин прилог оди и искуството како министер во неколку конзервативни влади на Франција, а фактот што пред да замине на должноста во ММФ, беше член на сега веќе непостоечката Унија на народното движење (УМП), која беше дел од ЕПП, би можело да ја промовирана како кадар на Европската народна партија. Нејзините шанси да стане претседателка на ЕК се проценети на „еден од пет“.

Во игра за функцијата се споменува и романскиот претседател Клаус Јоханис. Тој важи за „миленик“ на европските лидери, пред се на оние од конзервативните кругови, но позитивен став кон него имаат и либералот Макрон и германскиот канцелар, социјалдемократот Олаф Шолц, поради неговите прозападни и проевропски политики и јасното опстојување во проукраинскиот камп по руската инвазија врз Украина. Со своите ставови тој изгради репутација на „проевропски тимски играч“, што секако оди во негов прилог, а дополнителен „ветер во неговиот грб“ може да претставува идејата дека „можеби е дојдено време источноевропеец да ја води ЕУ“.  „Политико“ шансите на Јоханис за месото прв човек на ЕК ги проценува на „три од пет“.

Ист „коефициент“ му се дава на уште еден „источноевропеец“, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој со неговата Хрватска демократска заедница (ХДЗ), исто така, е член на ЕПП. Изборот на Пленковиќ на чело на ЕК би се протолкувал и како позитивен сигнал до земјите кандидати за членство во ЕУ, пред се оние од регионот на Западниот Балкан. Во прилог на неговата можна кандидатура оди најавата дека Пленковиќ ќе ја предводи кандидатската листа на ХДЗ на европските избори, што е протолкувано како негова амбиција да ја напушти домашната политичка сцена и да премине на некоја европска функција. Тој има развиено добра мрежа на односи со останатите европски лидери имајќи предвид дека на премиерската функција се наоѓа од 2016 година.

Пленковиќ ги отфрли гласините дека би можел да ја замени Фон дер Лајен, што, според „Политико“, може да се смета како показател дека тој е заинтересиран за таа функција.

Последен на листата „можни наследници“ на Фон дер Лајен, според бриселскиот портал, е актуелниот еврокомесар за внатрешен пазар Тјери Бретон. Бретон, како и Фон дер Лајен, во 2019 година беше „втор пик“ за член на Европската комисија, откако првиот избор за француски еврокомесар, тогашната вицегувернерка на Банката на Франција и поранешна министерка за одбрана Силви Гулар „не помина“ во Европскиот парламент. Бретон би бил добар избор имајќи го неговото претходно искуство и како менаџер и како министер за финансии, економија и индустрија, што би можело да има важна улога во заложбите за зајакнување на конкурентноста на европската индустрија.

Бретон беше еден од главните критичари на Фон дер Лајен поради именувањето на нејзиниот сопартиец Маркус Пипер за претставник на Еврокомисијата за мали и средни претпријатија, а големо внимание во јавноста предизвика и неговата објава на Икс по изборот Фон дер Лајен за „шпиценкандидат“ на ЕПП дека таа баш и нема целосно поддршка од партијата за реизбор на функцијата.  И неговите шанси се проценуваат како „два од пет“.

Исти шанси за претседател на ЕК, „Политико“ дава и на кандидатот „изненадување“, посочувајќи дека преговорите и тргувањата меѓу политичките партии по изборите за водечките европски функции не ретко давале неочекувани и изненадувачки кандидати.

– Пред изборите во 2019 никој не се обложуваше дека Фон дер Лајен ќе стане претседателка на Комисијата, наведува „Политико“, додавајќи дека Брисел би можел да биде изненаден од кандидат за функцијата кој не бил споменуван во ниту една комбинација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот