За богатите пиперки, за сиромаштијата ананас, тропското овошје поевтино од зеленчукот

Зеленчук во маркет / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Во моментот едно парче ананас се продава од 64 до 79 денари, што е двојно поевтино од килограм домати (110 до 150 денари), или килограм зелени и црвени пиперки, кои се продаваат од 179 до 259 денари. Ананасот е поевтин и од килограм краставици, тиквички, модар домат, а се доближува до цената на кромидот и јаболката

Зголемена е понудата на ананас во домашните маркети, а трговците се натпреваруваат кој повеќе ќе ја симне неговата цена. Така, во моментот едно парче се продава од 64 до 79 денари, што е двојно поевтино од килограм домати (110 до 150 денари), или килограм зелени и црвени пиперки што се продаваат од 179 до 259 денари.

Едно парче ананас е поевтино и од килограм краставици, тиквички, модар домат, а се доближува до цената на кромидот и јаболката.

Граѓаните што претходно ретко се пофаќаа за ова тропско овошје, сега гордо го носат во торбите, радосни што им се пружила шанса да го пробаат. Долг пат поминуваат гајбите со рапава кора и високи боцкави листови од Костарика, која патем речено е оддалечена над 10.500 километри од земјава, но кај нас ананасот доаѓа од Грција. Досега според статистиката, македонските граѓани годишно трошеле по 200 грама ананас од конзерва.

– Кога има вишок, цената на производите паѓа, а добавувачите се принудени да се решат од залихите и да ги ослободат магацините. Затоа и не треба да нè чудат ваквите ниски малопродажни цени на ананасот. Сепак, нема споредба со некои видови зеленчук или овошје, бидејќи тропското овошје не спаѓа во основната храна и граѓаните не мора да го купуваат секојдневно – објаснува Блажо Витанов од „Империал фрут“ за „Слободен печат“.

Поради повисоките трошоци за производство, лошите приноси и евтиниот увоз, домашното овошје е поскапо од грејпфрутот, лимоните, портокалите, бананите, ананасот, велат експертите. Пад на цените на континенталното овошје, пред сè на јаболката, се очекува дури кон почетокот на летото, а сега и тие се увезени најчесто од Полска. Јужното овошје порано беше луксуз. Сега ситуацијата е променета. На пазарите и на маркетите, јаболката чинат од 40 до 70 денари, крушите дури 120, а портокалите и лимоните од 35 до 60 денари. Килограм грејпфрут е 70, а бананите од 69 до 83 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот