За 2,5 денари долг, камата и трошоци од 600.000 денари

За 2,5 денари заостанат долг од пред 12 години, кичевчанката Злата Штерјоска треба да плати 600.000 денари.

Ова е само еден пример што ја зовре атмосферата во однос на присилната наплата на стари долгови со што се соочија граѓаните, особено сега пред крајот на годината кога извршителите ги расчистуваат сметките.

Здружението „Стоп за извршителите“ веќе организира два масовни протести, но најави дека ќе протестира секој вторник доколку не се усвојат нивните барања – бришење на каматите за старите долгови кај јавните претпријатија и акционерски друштва што се претежно во државна сопственост, ограничување на износот на банкарските камати и ограничување на застареноста на долгот, односно бришење стари долгови.

Воскреснаа каматите од Македонска банка

За тоа какви судбини споделиле граѓаните во врска со заостанатите долгови, разговаравме со Марјан Ристески, активист во здружението „Стоп за извршителите“.

Ристески вели дека кај нив дошле да се пожалат граѓани за долгови во Македонска банка, која 12 години веќе е во ликвидација. Според сознанијата на „Стоп за извршителите“, присилна наплата за долгови од Македонска банка има дури за 3.200 граѓани.

– Ни пријде една жена и ни раскажа дека ѝ е блокирана сметката за долг од 500 евра во Македонска банка, кој сега станал неколкукратно поголем. Жената вели дека сега е пензионерка, но дека работела во Централниот регистар, така што е доста упатена во работењето на компаниите. Сепак, таа иако неколкупати се обидувала да си го подмири долгот, во тоа не успеала, затоа што не знаела на која сметка да ѝ уплати пари на банка што е 12 години во ликвидација – вели Ристески.

Тој раскажува и дека до него стигнуваат многу поплаки за каматите од банките.

– Секако, ако некој не си го плати долгот навреме во банка, мора да има камата. Банките така функционираат, инаку би имале проблеми со ликвидноста. Но примерите што ги слушаме се надвор од разумот. Еден човек ми покажа документ според кој неговиот основен долг е 300.000 денари, а за тоа треба да ѝ врати на банката 1,2 милиони денари. За вакви примери разговаравме со сродни европски здружение. Оттаму ни беше кажано дека во некои европски земји висината на каматата за банкарски долг е ограничена на висината на основицата. Ние тоа го бараме. Ако некој должи, на пример, 3.000 евра, најмногу толку пари и да даде за камата – вели Ристески.

За неплатена карта во ЈСП долг од 35.000 денари

Ристески вели дека ако банките мора да наплаќаат камата, јавните претпријатија може да ги избришат каматите, или да ги сведат на минимум. Притоа, тој нагласи дека наплатата преку извршители од страна на јавните претпријатија, им носи неразумно големи трошоци на граѓаните.

– Ми дојде еден татко и ми раскажа дека неговиот син не платил карта во ЈСП и дека го фатиле контролорите, но дека за тоа не го ни информирал. Потоа, преку извршител му стигнала блокада на сметка и тоа во износ од 35.000 денари. Замислите, за автобуски билет од 35 денари, некој треба да плати казна од 35.000 денари. Па тоа е лудило! – вели Ристески.

Во однос на тоа од кога стигнуваат заостанати долгови, Ристески посочи еден пример на граѓанин што дошол со заостанат долг и камати и трошоци за сметка за парно греење направена дури во 1994 година!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот