Фото: МИА, принтскрин

Вујчиќ: Корупцијата е тема којашто очигледно е многу важна во преговорите на Македонија со ЕУ

Гувернерот на Хрватската народна банка и поранешен заменик-главен преговарач на Хрватска со ЕУ, Борис Вујчиќ вели дека корупцијата е проблем секаде каде што постои. За време на преговорите на Хрватска со Европската унија била помалку важна тема, но сега во преговорите со Македонија, Вујчиќ вели дека се чини оти е многу важна.

Во интервју за МИА тој посочи дека корупцијата првенствено доведува до нерамномерна распределба на ресурси, бидејќи ресурсите на државата, на даночните обврзници, првенствено се трошат на неефикасен начин каде што постои корупцијата, што доведува од една страна до послаб раст на економијата, а од друга страна до нееднаквост во општеството, што и едно и друго е лошо за стандардот на населението, и токму поради тоа против неа треба да се бориме.

-Постои цела низа начини како да се бориме против корупцијата, еден од нив се некои препораки кои денеска ги гледаме овде на Конвенцијата, кои првенствено се однесуваат на транспарентноста, бидејќи транспарентноста ја чини корупцијата поскапа и потешка. Како што кажав, потешко е да се краде под светло, отколку во темница. А денешните технологии овозможуваат поголема транспарентност, за разлика од пред десет или дваесет години првенствено поради дигитализацијата, којашто ни овозможува државните сметки, пресметката на вредноста на државниот имот, да ја направиме потранспарентна и достапна на сите, за да можат да увидат и да проценуваат – изјави Вујчиќ.

Гувернерот додава дека важно е да се направи потранспарентно трошењето јавни пари, но постојат и други механизми, а еден од нив е намалување на просторот каде што се случува корупцијата.

-Корупцијата најчесто се случува на границата меѓу приватниот и јавниот сектор. Колку повеќе се намалува тој простор кадешто таа може да се случи, ќе се намалува и корупцијата. Еден од начините да се направи тоа е приватизација на она што може ефикасно да се приватизира, но тоа налага и добра регулација на тие сектори после тоа. И најпосле, исто така важно е да има санкционирање на корупцијата, бидејќи корупцијата е нешто што не е дозволиво. Процесот на санкционирање е важен, бидејќи тој како што знаеме го чини трошокот на корупцијата поголем од користа што може од неа да се добие – појаснува тој.

Вујчуќ порача дека сите три фронта помагаат да се сузбие корупцијата – од една страна транспарентноста во трошењето државни пари, намалување на просторот за корупција и потоа кривично гонење на оние кои ги прават казнените дела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот