Вучиќ и` нареди на војската да ја подигне борбената готовност на највисоко ниво

Српскиот претседател Александар Вучиќ нешто пред 14 часот издаде наредба до српската армија да ја подигне борбената готовност на највисоко ниво и од тој момент единиците започнаа со воени активности, изјави министерот за одбрана Милош Вучевиќ.
„Наредено е итно движење кон административната линија со Косово“, изјави Вучевиќ за ТВ Пинк во живо од центарот на Белград.
Тој предупреди дека настаните на северот на Косово, каде, според него, владата во Приштина ги презема зградите на локалните самоуправи, не се игра, туку ја загрозуваат безбедноста на сите во регионот.
Како што нагласи, армијата апсолутно ќе ја исполни наредбата на Вучиќ и ќе го брани суверенитетот на Србија и правото на живот на сите нејзини граѓани.
„Јасно е дека се врши терор врз српската заедница на Косово“, заклучи Вучевиќ.