Второрангирана на оглас за медицинска сестра отпаднала од игра – дискреционото право ги вработило трето и четврторангираната

Медицински лица во Скопје / Фото: EPA-EFE / GEORGI LICOVSKI

Второрангирана кандидатка на оглас за вработување за медицинска сестра на една од скопските Клиники сепак не била ангажирана, додека пак, пријавените кои се нашле на третата и четвртата позиција започнале со работа. Се вклучила и Антикорупциската комисија, која ваквата жалба на кандидатката ја отфрли, со образложение дека законска можност има, бидејќи директорите го искористуваат дискреционото право при вработување што им е овозможено во Законот за здравствена заштита. Прекршување на законските норми не пронашле ниту од Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Од ДКСК посочија дека Законот мора да претрпи промени во членовите 160 и 161, каде се наведува дека при повеќе од тројца пријавени што ги исполнуваат критериумите раководството на установата треба да спроведе интервју на кое се добиваат дополнителни бодови. Оттаму препорака на антикорупционерите е да се направат измените со цел да се обезбеди уставна еднаквост и рамноправност при вработување на сите граѓани и да се отстрани сомнежот за корупција.

– Најчесто интервјуто се користи како параван за доделување на потребен број бодови за едно лице да испадне за кандидат што се стекнал со сите можни квалификации и тоа лице да биде вработено. Дискреционото право на директорот да одлучи кого да вработи, ги анулира сите претходно наведени квалификации за некоја рамноправност во натпреварување меѓу кандидатите, вели антикорупционерката Катица Николовска.

Од Министерството за здравство, за Слободен печат, сепак велат дека интервјуто не е клучно при изборот за вработување.

– Согласно законската регулатива, интервјуто не е клучниот одлучувачки фактор за вработување. Членот 161 опфаќа шест ставови каде е утврдена жалбената постапка, доколку некој од кандидатите смета дека е оштетен со неговиот неизбор, се вели во одговорот на Министерството, додавајќи дека одлуката може да биде обжалена пред Државната комисија за одлучување на управна постапка, како и пред надлежен суд.

Првиот човек на Транспаренси Интернешнл, Слаѓана Тасева, смета дека недостасува волја кај политичарите за суштински промени, иако ветувања континуирано има.

– За жал немаме никакви промени. Дискреционите овластувања се голем ризик од корупција. Треба да се влијае на свеста на начинот на работа на луѓето кои носат одлуки и да се избегнува таков тип на одлучување. Треба да се стави некаков механизам на заштита и превенција, со намалување на ваквата можност секаде кадешто може, да се воспостават јасни критериуми и транспарентни постапки. Останува злоупотребата на интервјуто и треба да се интервенира, апелира Тасева.

Во меѓувреме, антикорупционерите скоро секојдневно се соочуваат со слични предмети, каде воочуваат голем број небулози кои законот ги овозможува.

Работев на еден предмет кога директорот можеше да бира по каков сака начин, девет од 62 пријавени кандидати. Тој би требало да бира од првите што се рангирани, но не може да бира од 62. Мора да се уреди ова прашање и да се утврди јасно постапката, па потоа ќе можеме да знаеме дали се злоупотребува дискреционото право или не, смета антикорупционерот Нури Бајрами.

Членот на ДКСК, Владимир Георгиев предлага како да се надмине состојбата, посочувајќи дека дискреција во одредени ситуации треба, но заснована на законитост, критериуми и на аргументи. Според него кај дискрецијата недостасува образложението, односно да се знае зошто меѓу тројца кандидати на пример не се ангажирал прворангираниот.

– Од причина што нема образложение се отвора сомнеж дека тоа е тактика за злоупотреба од партиски, роднински или други причини, заклучува Георгиев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот