Вториот ковид бран „коси“, раст на бројот на заразени и на починати, Филипче апелира на одговорност

Скопје, октомври 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Нов црн биланс на заболени и починати вчера регистрираше и македонското Министерство за здравство. Во земјава, во изминатите 24 часа, битката со коронавирусот ја загубија 22 лица, а регистрирани се нови 561 случај од направени 1.901 тестови со што процентот на новозаразени се искачи на 30.

Најмладиот пациент кој почина од ковид е на 35-годишна возраст, а навозрасниот на 81 годишна возраст. Освен тие двајца пациенти, сите останати се починати во болнички услови. Повеќе од половина од новозаразените се од Скопје, односно 271 лице.

Болничките капацитети се, речиси, полни, а се полни и модуларната болница. Речиси 600 пациенти се хоспитализирани на инфективните одделенија во земјата. На Инфективната клиника во изминатите 24 часа беа примени 17 нови пациенти, а вкупната бројка на хоспитализирани е 137 пациенти.

Во ГОБ „8 Септември” беа регистрирани шест нови приеми, а вкупно се хоспитализирани 49 пациенти. Во болницата во Козле се хоспитализирани шест деца и осум позитивни мајки, како и три деца и една мајка суспектни на ковид-19. Во болницата во Битола се хоспитализирани 57 лица, а во болницата во Штип се 54 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, во Охрид, во Велес, во Куманово, во Прилеп, во Гостивар, во Струмица, во Струга, во Кочани, во Гевгелија и во Кавадарци се хоспитализирани 281 позитивни и сомнителни на ковид-19.

– Состојбата со вирусот е исклучително сериозна и критична, притисокот врз болниците и медицинскиот кадар е огромен. Есенскиот бран на вирусот „коси” низ цела Европа и светот, никој не е поштеден. Молам да се сфати многу сериозно дека од секој еден од нас зависи како ќе го надминеме овој бран, апелираше синоќа министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој на својот фејсбук профил напиша дека очекува итно и по скратена постапка да се донесат сите мерки и законски измени и повика на максимална одговорност на секој поединец и почитување на сите мерки за заштита.
– Денеска за жал, имаме досега најголем број на починати лица, 22 пациенти ја загубија битката со ковид-19. Регистрираме рекордни 30 отсто позитивни од тестирани лица, а речиси 600 пациенти се хоспитализирани на инфективните одделенија во земјата, напиша Филипче.
Поради зајакнување на капацитетите, веќе е најавено поставување на 16 мини ковид одделенија, а Филипче најави и зголемување на термините и на бројот на тестови. Сетот на препораки за носење на маска на отворено, забрането групирање на повеќе од четири лица на отворено и ограничување на бројот на гости во домовите сè уште чека да добие зелено светло од Собранието каде власта и опозицијата и натаму се надмудруваат дали да работат онлајн или со физичко присуство.
Владата веќе донесе мерки со кои го ограничи работењето на угостителските објекти до 23 часот, освен за оние кои вршат испорака и препорача да се ограничи капацитетот на патници во автобусите на 50 проценти од вкупниот број на патници. На државната и јавна администрација, општините и судовите им препорача да работат онлајн или да ја организираат работата во смени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот