Вселенскиот патријарх за првпат упати божиќна порака на македонски јазик

Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј

„Никогаш во историјата на човештвото, мирот помеѓу народите не бил состојба што се подразбира, туку секаде и секогаш бил последица на вдахновени иницијативи, храброст и саможртва, отпор кон насилието и отфрлање на војната како средство за решавање на разликите, трајна борба за правда и заштита на човековото достоинство“, вели вселенскиот патријарх Вартоломеј во овогодишното Божиќно послание до православните христијани во светот, за првпат упатено и на македонски јазик.

Дел од православните христијани Божиќ го празнуваат на 25 декември, додека за оние кои се водат по Јулијанскиот календар, празникот е на 7 јануари.

-Придонесот на религиите кон мирот и помирувањето претставува првенствен критериум за нивната доверливост. Несомнено, во религиозните преданија постои поттик не само за внатрешниот мир, туку и за унапредување и востановување на мирот на општеството, преку надминување на агресијата во врските помеѓу единките и народите“, порачува меѓу другото Вартоломеј.

Тој вели дека овој факт е особено значаен во нашево време, во кое се промовира ставот дека мирот ќе произлезе како резултат на економскиот развој, издигнувањето на животниот стандард, напредокот на науката и технологијата, преку дигиталната комуникација и интернетот.

-Ја имаме увереноста дека не е можно да постои мир на народите и културите без мир на религиите, без нивни дијалог и соработка. Верата во Бога ја засилува борбата за еден свет на мирот и правдата, дури и кога овој обид се наоѓа пред ненадминливи, по човечки, пречки. Во секој случај е неприфатливо претставници на религиите да проповедаат фанатизам и да го разгоруваат пламенот на омразата, додава Вселенскиот патријарх во посланието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот