Вселенскиот патријарх Вартоломеј: Холодоморот, во кој умреа милиони Украинци, беше политички мотивиран
Вселенскиот патријарх Вартоломеј изјави дека Холодоморот во Украина и во поранешниот Советски Сојуз (СССР) во 30-тите години на минатиот век не бил природна катастрофа, туку намерен и систематски напад на човечкиот живот и достоинството, објави „Ортодокс Тајмс“.
Препорачано
Вартоломеј во оваа прилика зборуваше директно на темата, но речникот му беше многу поблаг отколку во минатите години. Во 2017-та, на пример, тој изјави дека смртта на четири милиони луѓе во Украина и околу седум милиони во СССР бил „демонски инспирирано варварство“ на некогашниот советски лидер Јосиф Сталин.
Според патријархот, дури и во години кога жетвата била обилна, храната била конфискувана, информациите биле лажирани и цели региони биле оставени на немилоста на идеолошката политика. Тој навел дека нападот не бил само на физичкиот живот, туку и на внатрешниот живот на еден народ, чија доверба во Бога и меѓусебната преданост биле цел на бруталната стратегија.
Вселенската патријаршија ја истакнува потребата за одбележување на настанот како морален императив и како сведоштво за живата совест на човештвото, кое одбива да ги заборави страдањата на еден народ.
Се проценува дека во масовниот глад во Украина (1932–1933) починале четири милиони луѓе само во Украина, но оваа брутална политика зафатила и други региони на СССР, па затоа бројките достигнуваат и до седум милиони, а некои историчари велат – и 10 милиони жртви. Европската унија го има признаено Холодоморот како геноцид.


