Врвот на Левица и кинеската амбасадорка се сретнаа во Струшката соба во македонското Собрание
Левица објави дека денес, во Струшката соба во Собранието, пратениците од партијата: Димитар Апасиев, Реџеп Исмаил и портпаролот Амар Мециновиќ, „остварија срдечна и конструктивна средба со новата амбасадорка на Народна Република Кина во Република Македонија, Н.Е. Џијанг Сјаојан“.
Препорачано
На средбата, која според соопштението поминала „во пријателска атмосфера што ја негуваме веќе подолг период помеѓу двете држави и сестринските партии“ (Комунистичката партија на Кина, н.з.), се разговараше за досегашната богата соработка и за нови можности за нејзино продлабочување.
„Во рамки на разговорот беше отворено и прашањето за неодамнешниот инцидент во Собранието, кога пратениците Антонијо Милошоски, Фатмир Битиќи и Рашела Мизрахи се сретнаа со т.н. делегација на Тајван. Ваквите постапки, кои се спротивни на политиката „Една Кина“ како принцип кој го почитуваат речиси сите држави во светот – претставуваат директен удар врз националните интереси и традиционално добрите односи со пријателската Народна Република Кина. Изразивме јасен став дека вакво однесување е контрапродуктивно, треба да биде осудено и никогаш повеќе да не се повтори“, велат од Левица.
„Република Македонија и Народна Република Кина имаат многу можнсти и домени за соработка како што се технологијата, производството, туризмот, културната размена и многу други сфери од заемен интерес. Дополнително, беше разговарано и за унапредување на партиската соработка преку размена на искуства, идеи и добри практики, сѐ со цел подобрување на животот на народите во Република Македонија и Народна Република Кина, што би придонело и до зајакнување на дипломатската, пријателската атмосфера и соработка во светот, пишува во партиското соопштение.


