Врти-сучи, кредит од 500 милиони евра не ни бега: Јавниот долг постојано се зголемува, до кога?
Министерката за финансии стави потпис на кредитот од унгарската Ексим банка во висина од 500 милиони евра. Во најава е и друг кредит со иста толкава сума, а кој ќе се искористи за враќање на парите од издадената еврообврзницата од 500 милиони евра во 2018 година
Веќе е јасно дека покрај договорените 500 милиони евра од Унгарија што набргу ќе легнат и на државната сметка, до крајот на годината ќе се стави потпис и за уште заем од 500 милиони евра, исто од Унгарија. Според најавите од Министерството за финансии, тој ќе служи за рефинансирање на еврообврзницата од 500 милиони евра што ќе доспее во јануари 2025 година.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Она што се наметнува како прашање, несомнено е до кога државата ќе издржи постојано да рефинансира наместо да враќа долгови.
Економистите постојано повторуваат две клучни работи: дека со позајмените пари треба да се создаде додадена вредност што ќе овозможи да се враќаат земените пари и дека каматата на позајмиците не треба да биде поголема од растот на бруто-домашниот производ.
Економскиот аналитичар Синиша Наумоски вели дека првиот заем од 500 милиони евра може да се очекува да го поттикне економскиот раст, додека добрата страна на рефинансирањето на еврообврзницата е во тоа што таа ќе се затвори со кредит со пониска каматна стапка.
– Од првата транша од 500 милиони евра, 250 милиони се наменети за локалната самоуправа. Овде гледам децентрализиран пристап, да може да се поттикне економскиот раст од долу нагоре. Сите инвестиции на локално ниво, било да се тоа чешми, игралишта…, ќе донесат во 2025 година да имаме многу поголем БДП. Како што може да видиме, за вакви проекти има интерес од локалната власт. Вторите 250 милиони евра, од оваа прва транша, ќе бидат насочени кон компаниите. Тука треба многу да се внимава, државата да се координира со менаџментот на банките преку кои парите ќе се пласираат, да не се случи парите да се пласираат со многу зголемена камата. Овие пари за компаниите ќе значат зголемување на залихите, значи тие ќе бидат насочени исклучително кон раст на она што им е базична дејност, така и тие ќе го поттикнат економскиот раст – објаснува Наумоски.
Тој објаснува и дека каматите на еврообврзниците се повисоки отколку заем земен со билатерален договор.
– Со ова се купува ликвидност, ова е игра со времето, а враќањето на парите ќе биде со пониска камата – вели Наумоски и заклучува дека ова задолжување е „добро одиграно“, а е можно само како политичка одлука што се сведува на една земја да сака да помогне на друга земја со поволен кредит за да ѝ помогне во поттикнувањето на економскиот раст.
Владата ја донесе Стратегијата за управувањето со јавниот дол за приодот 2025-2027 година со изгледи до 2029 година. Во Стратегијата е наведено дека заклучно со првото полугодие од годинава, јавниот долг достигнал 8,87 милијарди евра, или 60,5% од бруто-домашниот производ. Јавниот долг го вклучува долгот на државата и на јавните претпријатија основани од државата, или општините. Но, овој јавен долг, со новите задолжувања, според Стратегијата до крајот на 2024 година ќе достигне 66,4 проценти, а во 2025 година – дури 65,2 проценти!
Економскиот аналитичар Абил Бауш предупредува дека треба да се внимава со зголемувањето на јавниот долг.
– Кредитот од Унгарија ќе го зголеми јавниот долг, што може да предизвика долгорочни фискални проблеми. Секој нов заем значи дополнителни каматни трошоци и можност за финансиска нестабилност доколку економските услови се влошат. Понатаму, искуствата од минатото покажуваат дека не секогаш овие заеми се користат ефикасно и транспарентно. Корупцијата и неефикасната администрација може да доведат до тоа средствата да се искористат нерационално, што на крајот ќе ги остави граѓаните со поголеми долгови и малку видливи резултати. Алтернатива на заемот е привлекувањето на капитални инвестиции од странски инвеститори – вели Бауш.
Дека долговите низ годините само се трупаат, без да има пари да се врати нешто, освен да се репрограмира за подобра каматна стапка, илустративно покажуваат и податоците како се движел јавниот долг во однос на пред една деценија. Во 2014 година, нивото на долг не бил ни половина од сегашниот долг, односно изнесувал 3,92 милијарди евра, наспроти овие од крајот на првото полугодие во висина од 8,87 милијарди евра.
Во наредните 4 години доспеваат 2,4б милијарди евра од еврообврзници
Во наредниот период за отплата достасуваат: обврзницата од 500 милиони евра во 2025 година, а која е издадена во 2018 година, 700 милиони евра што достасуваат во 2026 година како резултат на еврообврзницата од 2020 година, 500 милиони евра во 2027 година за еврообврзницата издадена во март 2023 година и 700 милиони евра што достасуваат во 2028 година како резултат на издадената еврообврзница во 2021 година.
Јавен долг под 60 отсто од БДП дури во 2029 година
За да се задржи нивото на јавниот долг во одржливи рамки, без притоа да се наруши фискалната одржливост, се утврдува лимитот во вкупен јавен долг на среден и долг рок што не треба да го надмине нивото од 60 проценти од БДП, пишува во Стратегијата, но наведено е и дека таа цел засега не се постигнува.
„Среднорочните проекции прикажани во Стратегијата покажуваат дека јавниот долг во однос на БДП ќе го надмине максималниот праг од 60 проценти. Врз основа на среднорочната буџетска рамка од која произлегува потребата за финансирање на буџетските дефицити на среден рок, потребите за отплатата на претходните долгови, како и имплементација на проектите што се надвор од централната власт, движењето на јавниот долг на среден рок ќе бележи умерен пад во 2025 година како резултата на постепена фискална консолидација. Опаѓачкиот тренд ќе продолжи во периодот 2026-2028 година и во 2029 година јавниот долг ќе се стабилизира и ќе биде под лимитот од 60 проценти од БДП.
Согласно Закон за буџети, јавниот долг не треба да надминува 60 отсто од БДП, што е согласно и со Мастришките критериуми.


