Вработените во градинките задоволни од новиот колективен договор, се крчкаат измени и во Законот за работни односи

Фото: Општина Ѓорче Петров

Воспитувачките и негователките во градинките се задоволни од потпишувањето на колективниот договор со кои се овозможуваат поголеми права на вработените во предучилишните установи.

Со овој договор за 15 проценти ќе се зголеми платата на вработените во градинките, а ќе остане и понатаму 30 часовната работна недела, иако министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска имаше обид да ја направи 40 часовна работната недела. Исто така предвидени се и парични награди за вработените кои ќе работат со поголем број деца во група над нормативот. Тоа значи дека ако во возрасната група од 5 до 6 години има над 25 деца колку што е предвидено, за воспитувачката и негователката ќе следува бонус. Со колективниот договор ќе следуваат и јубилејни награди кои досега не беа предвидени. Приправниците имаат право два пати да полагаат приправнички испит за разлика од досега кога после првиот неуспешен испит, веќе немаа право да полагаат.

– Задоволни се сме со потпишувањето на колективниот договор. Најголем бенефит ќе имаме од зголемувањето на платите, и со уште неколку точки кои се значајни за вработените во градинките, останатите точки од договорот се повторуваат и не се новина за нас. Зголемувањето на плата се уште не сме го добиле, рече Емилија, воспитувачка во детска градинка во Општина Кисела Вода.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска рече дека завршиле финалните преговори меѓу Министерството за труд и социјална политика и СОНК, и дека е потпишан новиот грански колективен договор за вработените во јавните установи од предучилишно образование со кои се нудат нови дополнителни поволности и права на вработените и членовите на СОНК во градинките.

Таа додаде дека колективното договарање за неа како министерка и за Владата е еден од приоритети, поради што се полага многу внимание на преговорите со синдикатите.

– Само на тој начин може да ги унапредиме правата на работниците. Затоа и законот за работни односи се подготвува подолго време. Подобро е да се работи подолго време, но на крај да имаме закон кој ќе одговара на сите. Закон кој ќе го помине социјалниот дијалог и ќе биде донесен со консензус на работниците, работодавачите и владата, рече Тренчевска.

Министерката додаде дека нацрт-верзијата од законот ќе биде објавена на системот за закони и прописи, ЕНЕР до крајот на месецов, а дека во текот на ноември ќе се организира широка дебата со девет настани низ државата за да се слушне мислењето на сите засегнати страни.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот