Вооружен со „Твитер“, Маск му објави војна на стариот непријател „Епл“

Војна на дигиталното бојно поле - Фотографија Profimedia

Милијардерот се закани дека ќе користи „тешка артилерија“ – ќе создаде сопствен смартфон со кој ќе им конкурира на „ајфоните“, но ќе мора да прави и дефанзивни планови, бидејќи „Епл“ може да ја активира сопствената артилерија и да возврати со свој целосно автономен електричен автомобил – проектот „Титан“ што тивко го развива со години

Илон Маск отворено му прогласи војна на технолошкиот гигант „Епл“, обвинувајќи го дека настојува да го замолкне неговото ново милениче – социјалната мрежа „Твитер“.

Најбогатиот човек во светот ја крена воената секира во препознатлив стил, објавувајќи фотомонтажа во која самиот се претставува како автомобил што од автопатот „плати 30 отсто“ нагло скршнува кон споредната делница „оди во војна“. Маск брзо го избришал својот твит, но пораката веќе е испратена.

Милијардерот го обвинува водечкиот производител на мобилни телефони „ајфон“ дека настојува да го монополизира пазарот и да им ја одземе на корисниците слободата на изразување. Тоа е неговото толкување на ограничувањата што ги спроведува „Епл“ откако Маск целосно ја презеде командата врз „Твитер“ и наметна политика на враќање во гнездото на „птичките“ блокирани поради ширење омраза и лажни вести.

– „Епл“ речиси го запре рекламирањето на Твитер. Дали тие ја мразат слободата на говор во Америка – праша Маск во понеделникот, во еден од првите рафали од војната на гигантите. Набрзо потоа „главната птица“ напиша дека „Епл“ без објаснувања се заканил дека целосно ќе го отстрани Твитер од продавницата на апликации.

Маск и Тесла може да добијат конкуренција од Кук и Епл – Фотографија ЕПА, Џери Лампен

Стара војна ново оружје

Епизоди од подемот на милијардерот укажуваат дека ова не се негови први удари врз „Епл“, туку се први во кои го користи „Твитер“, за кој плати 44 милијарди долари. Уште во 2015 година Маск се шегуваше со „Епл“ дека ги вработува работниците што тој ги отпуштил од „Тесла“.

– Ангажираат луѓе што ние ги отпуштивме. Секогаш „Епл“ на подбивање го нарекуваме гробиштата на „Тесла“. Ако не можете да успеете во „Тесла“, одете да работите во „Епл“. Не се шегувам – изјави Маск за германскиот весник „Ханделсблат“.

Тој го нападна „Епл“, сметајќи ги за провокација најавите дека гигантот за производство на мобилни телефони ја разгледува можноста да развие и свој електричен автомобил.

– Сте го погледнале новиот „епл воч“? Не, добро е што „Епл“ инвестира во оваа насока. Но, автомобилите се многу комплексни, споредени со смартфони и смартвочи. Не можете едноставно да отидете кај добавувач како „Фокскон“ и да му речете: „Направете ми автомобил“ – изјави Маск.

Шефот на „Епл“, Тим Кук, во 2016 година наводно сериозно размислувал да ја купи компанијата „Тесла“, која, пак, Маск ја презеде како главен инвеститор во 2004 година. Кук тогаш изјавил дека не би имал ништо против Маск да остане генерален директор на „Тесла“, но сите планови биле отфрлени откако Маск во телефонски разговор му одговорил дека сака да биде директор и на „Епл“.

– Кук му одговорил „Е*и се!“ и му ја прекинал линијата – забележува Тим Хигинс во книгата: „Игра на моќ: Тесла, Илон Маск и облогот на векот“.

И Маск и Кук подоцна ги отфрлија извештаите дека директно разговарале, не само за таквата можност туку воопшто.

– Во едно време побарав да се сретнам со Кук за да разговараме „Епл“ да ја купи „Тесла“. Немаше никакви предложени услови за купувањето. Тој одби да се сретнеме. „Тесла“ тогаш вредеше 6 отсто од сумата на која е проценета денес – забележа Маск на Твитер по објавувањето на книгата на Хигинс во 2021 година.

Скапано јаболко

Нападите врз „Епл“ продолжија и во 2018 година, кога Маск забележал дека производите на „Епл“ стагнираат.

– Нема многу производи што навистина може да ве усреќат кога ќе ги купите. Сѐ уште мислам, се разбира, дека „Епл“ прави одлични телефони. Јас сѐ уште користам ајфон и сѐ друго.

Но, „Епл“ навистина промовираше производи што ве вадеа од умот, знаете? И тие сѐ уште прават одлични производи, но не такви – изјави Маск во интервју во 2018 година.

Тој тогаш истакна дека „Тесла“ учи од грешките на „Епл“ во обидите да го привлече интересот од купувачите.

– Не мислам дека луѓето трчаат во продавниците за „ајфон 11“. Но, со „тесла“, навистина сакаме да правиме производи што луѓето ќе ги сакаат, поради кои ќе им заигра срцето – изјави Маск.

Илон Маск/ Фото EPA-EFE/Carina Johansen

Во 2020 година му дојде редот на софтверот што го користат „ајфоните“.

– Технологијата не се надградува автоматски. Луѓето привикнаа телефоните секоја година да бидат подобри. Јас користам „ајфон“, но мислем дека некои од неодамнешните софтверски надградби не се добри – изјави Маск на конференцијата „Сателајт 2020“ и притоа се пожали дека „новиот софтвер му го уништил електронското поштенско сандаче“.

„Епл“ почна да возвраќа откако Маск го купи „Твитер“, но не поради лична нетрпеливост, туку како реакција на промената на политиката наметната од новиот автократски сопственик и најавата дека ќе бидат вратени на платформата сите корисници што биле блокирани поради непридржување до основните критериуми. Фил Шилер, директор на дигиталната продавница на апликации на „Епл“, го избриша својот профил на „Твитер“ откако Маск му дозволи на поранешниот претседател Доналд Трамп да се врати на платформата. Заминувањето на Шилер е важно зашто има влијание врз стотици илјади следбеници на „Твитер“, како и меѓу многумина директори во Слициумската долина во Калифорнија.

Твитерфони и ајмобили

Во понеделникот Маск го зададе и последниот удар пред да ја објави војната.

– Знаевте ли дека „Епл“ има таен данок од 30 отсто на сѐ што купувате од неговата продавница за апликации – праша Маск. На производителите на софтвер „Епл“ им наплаќа помеѓу 15 и 30 отсто од цената на апликациите за да ги дистрибуира до милионите корисници на „ајфон“.

Тој самиот, од друга страна, најави дека новокупената платформа „Твитер“ ќе им наплаќа по 8 долари месечно на корисниците за да биде верификуван нивниот профил со син беџ.

Илустрација како би изгледал автомобилот на Епл врз основа на заштитените патенти – Фотографија Profimedia

Многу посериозен проблем за „Твитер“ е одлуката на „Епл“ да ги запре рекламирањата на социјалната платформа. Во првиот квартал од оваа година „Епл“ повеќе од кој било друг се рекламираше на „Твитер“, со што на платформата ѝ носеше 4 отсто од вкупниот приход. До промената на сопствеништвото на „Твитер“, двата гиганти тесно соработуваа и напредуваа во симбиоза – „Епл“ рекламираше свои производи на платформата, а во 2011 година дури интегрираше твитови во тогашната верзија од оперативниот систем.

Објавувајќи ја војната, Маск се закани дека ќе користи „тешка артилерија“ – ќе создаде сопствен смартфон со кој ќе им конкурира на „ајфоните“.

– Се надевам дека нема да дојде до тоа, но да, ако нема друг избор, ќе направам алтернативен телефон – порача Маск.

Но, тој ќе мора да прави и дефанзивни планови, бидејќи „Епл“ може да ја активира сопствената артилерија и да возврати со свој целосно автономен електричен автомобил – проектот „Титан“ што тивко го развива со години.

Илустрација како би изгледал автомобилот на Епл врз основа на заштитените патенти – Фотографија Profimedia

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот