Вонредна состојба нема да има, границите нема да се затворат, ама казни ќе фрчат!

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во Македонија нема да се воведе вонредна состојба, зашто таа не е воопшто потребна за да се менаџира есенскиот бран на коронавирусот. Сите мерки, како полициски час, карантини на одредени региони, ангажирање на Армијата доколку се јави потреба, може да се спроведуваат и без вонредна состојба, особено сега, кога во функција е Собранието, беше соопштено по завршувањето на деветтата седница Советот за безбедност кој се одржа вчера во присуство на целиот државен врв и министерот за здравство Венко Филипче како дополнителен член.

Засега, здравствените власти се фокусирани на реорганизација на болничкиот кадар и создавање на нови капацитети за прием на болните од Ковид 19. Претседателот Стево Пендаровски посочи дека засега во Европа, не постои ниедна држава која што на целата своја територија има полициски час, ниту пак некој размислува за такво нешто, односно за комплетно затворање на граѓаните дома, како што се случуваше на почетокот на пандемијата.

-Поради есенскиот бран на пандемијата се ангажираат дополнителни капацитети. За жал сме сведоци дека ситуацијата не се подобрува и смртноста е во пораст. Не постојат мерки препорачани од СЗО кои кај нас не се применуваат. Разликата е само во степенот на нивното почитување од граѓаните и како државните институции ги применуваат. Состојбата е исклучително сериозна.

Човечките и материјалните ресурси се ангажирани до максимум и следните недели нема да е полесно поради грипот. Како никогаш досега ни се потребни одговорност, меѓусебна солидарност и претпазливост. Во отсуство на вакцина и лек, нема алтернатива освен почитување на протоколите за дистанца, маски и драстичен пад на бројот на дружби и собири. Направете го тоа за вас и за вашите најблиски, порача Пендаровски.

Министерот за здравство Венко Филипче по Советот за безбедност увери дека граѓаните не треба да стравуваат дека ќе останат без болнички третман или здравствена заштита, но апелираше на доследно следење на заштитните мерки.

-Има сосема доволно болнички капацитети. Целиот клинички центар е мобилизиран. Сите лекари и медицински сестри се на список и ќе работат во дополнителните капацитети. Модуларната болница е речиси исполнета затоа се активира Институтот за белодробни заболувања, како и одделенија на дерматолигија и неврологија каде имаме обезбеднено пристап до централен довод на кислород. Во другите болници исто така се мобилизирани интерните одделенија. И во ГОБ 8 Септември има нови одделенија. Граѓаните да бидат спокојни. Никој нема да остане без здравствена заштита. Да се почитуваат новите мерки кои се имплементираат во цела Европа, како ограничен капацитет во јавниот превоз, затворање на угостителските објекти во 23 часот, препораките да се работи од дома. Ако ова се почитува може да ја намали трансмисијата на вирусот, рече министерот.

Тој додаде дека границите нема да се затворат ниту за соседите ниту за другите земји, зашто анализите на здравствените експерти покажуваат дека трансмисијата на вирусот е локална, односно луѓето се заразуваат дома, во Македонија, а не зашто вирусот влегува од странство преку патници.

Премиерот Зоран Заев рече дека новина е што со измените на Законот за заштита на населението од заразни болести се зајакнати надлежностите на инспекторатите, кои можат да изрекуваат казни за прекршителите во угостителскиот сектор и до 30.000 евра. Им симнувам капа на нашите здравствени работници. Тие имаат ентузијазам, млади специјалисти се нудат да работат.

Адмистративните служби ги распоредуваме да помагаат во Државниот здравствен и санитарен инспекторат и да ги подготвуваат решенијата за изолација. Одговорноста на сите мора да е на највиоско ниво. Реално го повикувам Мицковски, одговорно да се однесува, да не ја става во опасност јавноста. Кризата е пресериозна за цел свет. Моментите се тешки, сите губиме по некој близок човек, рече Заев додавајќи дека во ребалансот на буџетот предвидени се награди за здравствените работници што работат со пациенти со ковид, а и дека се предвидени 78 милиони денари за брзи тестови во земјава кои ќе помогнат за рана детекција.

Премиерот апелираше до целиот народ максимално да ги следи мерките и да носи маска, да одржува дистанца и да се одржува хигиената на рацете, за да се спречи трансмисијата на вирусот. Сите граѓани со закон се обврзани да носат маска на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично.

Прекривката на носот и устата може да биде респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал или бандана. Маска не мора да носат само оние граѓани што спортуваат на отворен простор или на затворено со почитување на протоколите за заштита, ако се возат во свој автомобил сами или со луѓе со кои живеат заедно на иста адреса, ако престојуваат во двор на семејна куќа или во угостителски објект со почитување на протоколите.

Маска не треба да носат деца помлади од шест години, лица со посебни потреби и пречки во развојот. Казната за неносење маска е 20 евра по прекршок. Ова е само една од измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, со која се прави обид да се спречи ширењето на коронавирусот кој според последната статистика на Институтот за јавно здравје даде 870 позитивни случаи од 2647 направени тестови.

Најголемиот дел од новозаразените, околу половината се во Скопје. Моментално во земјата има 7963 активни случаи на коронавирус, а досега во пандемијата починале 963 лица. Освен задолжителната маска, во законот за заштита на населението од заразни болести сега се предвидува дека секој што ќе закаже тестирање за Ковид 19, од тој момент до добивањето на негативниот резултат мора да остане во самоиозолација, а доколку не го испочитува законот, ќе се казни со 50 евра.

Доколку тестот е позитивен, тогаш граѓанинот продолжува во изолација 10 дена ако нема симптоми, или 20 дена ако има симптоми. Со изменетиот Закон за заштита од заразни болести, се предвидува во моментот кога ќе се исполнат државните капацитети за третирање на пациенти со коронавирус, да се пристапи кон искористување на приватните болници и кадарот во нив, односно од сметката на Фондот за здравствено осигурување да се покрие болничкиот третман на пациентите во приватните болници, исклучуво по медицинска индикација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот