„Вог“ мета на критики поради фотографиите на Амал Клуни
Читателите на „Вог“ жестоко го нападнаа списанието откако на Инстаграм беа објавени фотографии од Амал Клуни со наводно очигледни траги од Фотошоп.
Препорачано
Во најава од настанот „Prix Suisse“ што се одржа во Швајцарија во неделата, „Вог“ сподели две фотографии од 47-годишната адвокатка за човекови права Амал Клуни направени на сцената, но многумина веднаш го забележаа нејзиното необично измазнето, речиси неприродно лице.

Амал Клуни е позната по нејзините истакнати јаболчници и елегантни црти на лицето, но нејзините обожаватели се согласуваат дека таа е едвај препознатлива на фотографиите на Вог.
„Зошто со вештачка интелигенција сте и го промениле лицето? Изгледа ужасно. Жената има 50 години, не мора да ја претворате во 20-годишна“, порача еден корисник.
„Дали Вог ја фотошопираше Амал Клуни?“ праша друг, додека трет директно рече: „Зошто сте ја провлекле низ филтри???“

„Ве молам, не правете и го тоа на оваа прекрасна жена. Фокусот треба да биде на нејзината брилијантност“, продолжи четвртиот. Многумина се согласија со коментарот: „Искрено, мислев дека на првата фотографија е друга личност!“
Амал на настанот блесна во впечатлив црвен комбинезон на Серхио Хадсон, со златни обетки и златни сандали и совршено стилизирана коса. Сепак, дел од коментаторите го нападнаа и „Вог“ бидејќи, во описот на објавата, фокусот го префрли на облеката, а не на говорот што го одржа адвокатката.
Во објавата пишуваше: „Амал Клуни внесе празничен шмек на Prix Suisse 2025. Таа излезе во впечатлив комбинезон – изглед кој стана нејзин заштитен знак на сцената.“


