Водоводни цевки / Фото: Profimedia

Водоводните цевки во иднина без олово

Крај за водоводните цевки од олово! Од пред два дена стапија на сила стапуваат измените на Уредбата за водата за пиење со кои се забранува токсичниот тежок метал во цевки, арматури и инсталации.

Оловото се користело како материјал за водоводни цевки уште во римско време. Металот е тежок, но истовремено доволно мек за да се витка во посакуваната форма, па може дури и да се втисне името на сопственикот на цевките. Но, одамна е веќе познато дека оловото е токсично.

„Труење со олово доведува до невролошко оштетување или анемија“, наведува педијатарот Штефан Безе-О’Рајли, медицинар за животна средина при универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен.

Труењето настапува постепено. Симптоми како замор, главоболки или губење на тежината се неспецифични. Во екстремни случаи труење со олово може да биде смртоносно, како кај индустриски работници во транзициски земји. Но, само со пиење вода од чешма не може да се внесат толкави количини за труењето со олово да биде фатално.

Цевките за вода за пиење од олово не исчезнале уште долго по Римјаните. Поради тежината се несоодветни за поставување во големи размери, но сосема поинаква е ситуацијата на последните неколку метри, односно цевките што водат од улицата до поединечни згради.

Особено во северна и источна Германија, водоводните претпријатија користеле олово за цевките сѐ до 1973-та година. Во денешно време цевките се прават од излеано железо, челик или пластика. Во делови од Баварија, Виртемберг и Баден, тешкиот метал уште во 1878 година бил забранет за користење за таа намена.

Во поединечни случаи и натаму има цевки од олово

Колку цевки сè уште се од олово, не може толку едноставно да се утврди. Германската сојузна служба за заштита на животната средина затоа ги анкетираше сојузните покраини и комуналните водоводни служби и бројките ги објави во 2023 година.

Околу 15 илјади оловни цевки сè уште биле во употреба во времето кога истражувањето било спроведено, односно во 2021 година. „Во однос на сите згради во Германија, тоа е удел од 0,8 промили“, вели Томас Рап, раководител на одделот за вода за пиење во Германската сојузна служба за животна средина, која ја спроведуваше студијата.

Во изминатите децении ограничувањата за олово во водата за пиење беа неколкупати намалувани. Од 2013 година изнесува само уште десет микрограми по литар. „Поаѓаме од тоа дека ова ограничување не може да биде исполнето, ако и натаму се користат цевки од олово“, објаснува Рап. Сепак, за одговорните здравствени власти беше тешко да докажат надминување на вредноста во поединечни случаи.

Тој проблем сега веќе отпаѓа, бидејќи цевките и поединечни делови од олово од понеделникот (12.01.2026) без исклучок се забранети и мора да бидат заменети. Две години подоцна, ограничувањето повторно ќе биде намалено, па така од 2028 година ќе изнесува само пет микрограми на литар.

Инсталации од олово во зградите

Задолжителна е и замената во внатрешноста на зградите. Германската сојузна служба за заштита на животната средина анкетираше фирми за инсталации за да утврди колку цевки во зградите и натаму се од олово. Иако одговорија само 136 од адресираните фирми, во просек секоја фирма наишла на околу девет инсталации на цевки од олово на годишно ниво.

Властите проценуваат дека „тоа би бил удел од 0,2 проценти во вкупниот број згради во земјата, што може да е и преценето“, претпоставува Рап. Сепак загрижуваат извештаите од фирмите за инсталации, според кои се погодени пред сѐ постари куќи во лична сопственост. „Сопствениците тешко може да ги натерате да реновираат“, вели еден од инсталатерите. Причина се трошоците, кои може да стигнат и до пет цифри, доколку цевките се поставени зад гипс картон и треба да се заменат и плочки.

Но, и сопствениците на куќи веќе нема да имаат избор, бидејќи доколку Службата за јавно здравје има информации за оловни цевки, мора да наложи нивна замена и тоа може и насилно да го спроведе со парична казна. И потстанарите може да бидат проактивни. Фондацијата за потрошувачи истакнува дека доколку е надмината границата на олово во нивната вода за пиење, потстанарите може да се обратат до Службата за јавно здравје.

Само акредитирани лаборатории за тестирање на вода за пиење може да вршат правно обврзувачки мерења. При земањето примероци мора да се внимава на одредени правила, на пример водата да стоела во цевките четири часа пред анализата.

Други извори на олово во водата за пиење

Истражување спроведено од Баварската покраинска служба за здравје и безбедност на храната во 2023/24 година, укажува на тоа дека тешкиот метал нема да биде искоренет само со забрана на цевки од олово.

Во 1,4 проценти од примероците од вода за пиење земени од градинки и училишта, надмината е референтната вредност, иако во Баварија веќе речиси 150 години се забранети цевки од олово. Властите се сомневаат дека извор на олово се челични цевки со цинк, бидејќи токму обвивката од цинк, која штити од корозија, содржи олово. И арматури од месинг или легура од бакар, исто така може да содржат олово. Тие испуштаат тежок метал во водата за пиење.

Кои арматури не го прават тоа, може да се види на „позитивна листа“ објавена од Германската сојузна служба за животна средина. „Листата е правно обврзувачка во Германија“, истакнува Томас Рап.

Да се нарачуваат преку интернет и на своја рака да се вградуваат арматури кои не ги исполнуваат критериумите, покрај тоа што е забрането, не е ниту добро за здравјето.

Извор: DW

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот