Водителката Марија Петровска од Словенија за искуството како мајка: Се вљубив во син ми уште пред да се роди

Фото: Приватна архива/Inartstudio.si

Животот на Марија Петровска, некогашната водителка на естрадниот магазин „Бекстејџ“, речиси две недели има сосема нов ритам. Таа и нејзиниот партнер Михаел Сказа станаа родители на Домен, во Словенија, каде што Марија живее изминативе осум години.

Фото: Inartstudio.si

– Бебето се вика Домен Сказа. Се роди по природен пат на Универзитетскиот клинички центар во Марибор на 31 март во 6:22 наутро. Тежок е 3 килограми и 20 грама и долг 48 сантиметри – со радост раскажа Марија за „Слободен печат“, споделувајќи ги своите мајчински чувства и обврски.

Фото: Inartstudio.si

– Знам дека веројатно звучи како клише, но вистина е кога велат дека ништо не може да те подготви на тој момент, кога првпат ќе го видиш сопственото бебе. Солзи, емоции, збунетост, среќа и бесконечна љубов на прв поглед. Иако, да бидеме реални, јас се вљубив во него 9 месеци пред да го видам, уште кога првпат видов плус на тестот за бременост – ни раскажа шармантната тетовчанка.

Фото: Inartstudio.si

Марија е среќна што породувањето поминало одлично и вели дека имала неизмерна поддршка од партнерот.

– Михаел беше цело време покрај мене, тој ја имаше и честа да ја пресече папочната врвца – вели Марија.
– Веќе две недели сме тричлено семејство и можам да кажам дека засега супер функционираме. Брзо се навикнавме на новата рутина и рамноправно ги делиме речиси сите обврски – од менување пелени до успивање. Голема помош имаме и од бабите и дедовците. Моите родители се тука во моментов и морам да признаам дека од тој аспект сум баш привилегирана заради тоа што мајка ми е акушерка, мајка му на Михаел е некогашна акушерка, а тетка му Катја патронажна сестра. Така што помош навистина не ни недостига – низ насмевка вели Марија и раскажува за словенечката пракса за идните родители.

Фото: Приватна архива

Во Словенија е пракса идните родители за време на бременоста да посетуваат „училиште за родители“, кое е бесплатно во сите болници и породувалишта, каде преку различни предавања на лекари и стручни лица ве подготвуваат за новиот животен предизвик.

– Во болница, бебето од првиот момент е покрај мајката 24/7, сама му менува пелени и се грижи за него, така што и тоа е одлична подготовка. По доаѓањето од болница, ви припаѓаат и посети од страна на патронажна сестра, која освен освен што го контролира развојот на бебето, ви помага и при совладувањето на можните предизвици со кои се соочувате во почетокот. Инаку, Домен е бебе какво што човек само може да посака. Мирно, спокојно, насмеано … и барем засега 100 отсто личи на тато – ни раскажа Петровска.

За неа, сега деновите се разделени на интервали од по 3 часа.

Фото: Приватна архива

– На секои три часа менуваме пелени, потоа го дојам,го галиме и заспива. Додека малиот спие, ние го гледаме и се прашуваме како е можно да сме создале нешто толку совршено – вели Марија.

Во 2015 година, по долгогодишна врска, Марија реши да се пресели во Словенија кај својот сакан, кој по професија е стоматолог. До минатата година, живееја во Цеље, каде што Михаел сѐ уште работи, но се преселиле во Марибор поради поголемите можности кои овој град ги нуди и поради тоа што е родниот град на партнерот на Марија.

Фото: Inartstudio.si

Михаел, веќе 17 години, е раководител на едукативниот центар во „Интердент“. Марија, пак, работи во „Кинезика“ – фирма која се занимава со развој, производство и продажба на козметика и додатоци во исхраната како раководител на одделението за маркетинг и односи со јавност на нивниот бренд „Butters“. Пред да го роди синот, таа и Михаел направија интересна фотосесија, додека шармантната Маца беше во деветтиот месец од бременоста.

Вели дека таа и Михаел засега не планираат венчавка, затоа што за нивната љубов која со години опстојувала прво на далечина, а сега и како родители, не е потребен потпис во матично како доказ.
Марија ни раскажа и како во Словенија се одбележува католичкиот Велигден, кој се славеше минатата недела.

– За Велигден семејството се собира на велигденски појадок. На трпезата покрај вапцани јајца има шунка, изрендан рен, млечен велигденски леб, чај и традиционална словенечка потица. Интересно е што овој оброк задолжително се јаде без прибор, само со раце – ни раскажа водителката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот