ВО ЖИВО | Украина, од минута во минута: Ако Зеленски побара ќе биде извлечен од земјата

Евакуација на Мариупол / Фото: EPA-EFE/MIKHAIL PALINCHAK

17.20 ч. Сан: Елитни британски и американски специјалци тренираат за мисија за извлекување на Зеленски

Извори на Сан тврдат дека споменатите единици за специјални намени се на обука заедно со елитни украински војници. Наводно, повеќе од 70 британски специјалци и 150 припадници на американската морнарица од специјалните сили Фоки се во базата во Литванија за да се подготват за ноќна мисија.

Украинскиот претседател Зеленски пред неколку дена ја отфрли понудата на САД за негова евакуација од земјата, велејќи дека „нему му треба муниција, а не транспорт“.

16.15 ч. Пет членови од едно семејство убиени во руски напад, меѓу нив и девојче во инвалидска количка

Репортерот на Си-Ен-Ен разговараше со Украинецот Игор, кој загуби пет членови на семејството во руски воздушен напад врз селото Маркаливка, југозападно од Киев.

14.33ч. Шарл Мишел: Да се напушти Украина би било да се напуштат европските вредности

На единаесет дена по започнувањето на руската воена офанзива во Украина, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, како гостин на „Политички прашања” на француското радио Франс Интер инсистираше на потребата од одржување на дијалогот со Москва, јави дописникот на МИА.

– Сигурно е дека мора да го одржиме отворен дипломатскиот канал, дури и ако на краток рок надежите се ограничени на ова поле. Тоа е ДНК на Европската Унија, изјави тој.

Фото ЕПА

13.20ч: Нов телефонски разговор на Емануел Макрон со Владимир Путин

„Најлошото допрва доаѓа”, заклучи Емануел Макрон во четвртокот по телефонскиот разговор со неговиот руски колега. Три дена подоцна, француското претседателство објави дека претседателот на Републиката „се подготвува” повторно да се сретне со Владимир Путин, додека Киев потврди дека руските трупи ќе го бомбардираат пристаништето Одеса, јави дописникот на МИА.

Емануел Макрон „ќе разговара со претседателот Путин на телефон”, потврди француското претседателството пред да прецизира дека разговорот започнал во 12:30 часот.

13.49ч. Обидот за евакуација на цивили од Мариупол не успеа

Не успеа и денешниот обид да се организира хуманитарен коридор од Мариупол, а проруските сепаратисти и Украинската национална гарда меѓусебно се обвинуваат за прекршување на привременото примирје.

Телевизијата Украина 24 го прикажа борецот на Националната гарда на Азов, кој рече дека руските и проруските сили кои го опколиле пристанишниот град со околу 400.000 жители продолжиле да ги гранатираат областите кои требаше да бидат безбедни.
Бегалци од Украина, Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

13.46ч. Путин: Ќе ја запреме инвазијата само ако Украина престане да се бори

Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на својот турски колега Реџеп Таип Ердоган во телефонски разговор дека Русија ќе ги прекине своите воени операции само ако Украина престане со борбите и ако барањата на Москва бидат усвоени, соопшти Кремљ.

Русија инсистира дека нејзината инвазија на Украина од копно, воздух и море е специјална воена операција, за која Путин тврди, без никакви докази, дека е неопходна за „денацификација“ на земјата, пишува Би-Би-Си.

Рускиот лидер повтори дека рускиот напад се одвива според планот и распоредот.

Владимир Путин/ Фото EPA-EFE/SERGEY GUNEEV/KREMLIN POOL/

13.20ч. (ВИДЕО) Гранатиран пункт за евакуација на цивили во близина на Киев, има загинати, меѓу кои и деца

Преминот за евакуација на цивили кои се обидуваат да побегнат од областа Ирпин западно од Киев утрово беше гранатиран, јави Си-Ен-Ен.

Според информациите на украинските власти, загинале најмалку три лица, меѓу кои и две деца.

На видео снимките кои се шират на социјалните мрежи може да се види моментот на гранатирањето во Ирпин, кој се наоѓа северозападно од Киев.

12.35ч. Првите 300 лица го напуштија Мариупол по хуманитарниот коридор, тврдат проруските сепаратисти

Проруските сепаратисти соопштија дека првите 300 лица го напуштиле опколениот град Мариупол, во југоисточна Украина, за време на новиот обид за прекин на огнот, јави ДПА.

Меѓутоа, овие информации не може да се проверат од независен извор, а украинските власти се уште не даваат никакви бројки, додаде германската агенција.

Евакуација на Мариупол / Фото: EPA-EFE/MIKHAIL PALINCHAK

12.25ч. Зеленски: Војна против Одеса? Ова ќе биде воено злосторство

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руските сили се подготвуваат да ја бомбардираат Одеса, град на украинскиот брег на Црното Море.

 

 

„Ракети против Одеса? Ова ќе биде воено злосторство“, рече Зеленски во телевизиско обраќање.

Тој рече дека „не е доцна“ руските граѓани да се обидат да ја запрат оваа војна.

11.44ч. СЗО: Нападнати неколку украински здравствени центри; Лиашко: Непријателот веќе оштети 34 болници во Украина

Светската здравствена организација потврди „неколку” напади врз здравствени центри во Украина и истражува други, изјави денеска првиот човек на организацијата Тедрос Аданом Гебрејесус, пренесен од британските медиуми.
Нападите, додаде тој на Твитер, предизвикаа повеќе смртни случаи и повредени.
Тедрос Аданом Гебрејесус
Директорот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус/ Фото: EPA-EFE/SALVATORE DI NOLFI EDITORIAL USE ONLY/NO SALES/NO ARCHIVES
„Нападите врз здравствените установи или работници ја нарушуваат медицинската неутралност и се кршење на меѓународното хуманитарно право”, напиша тој.

 

11.05ч. Радио Слободна Европа прекинува со работа во Русија

Радио Слободна Европа ја прекинува својата работа во Русија, соопшти медиумот.

 

Во соопштението потпишано од претседателот и извршен директор на РСЕ, Џејми Флај, се наведува дека рускиот сервис на Радио Слободна Европа се соочува со стечајна постапка и дека неговите новинари биле под притисок на полицијата.

 

 

 

-Сервисот ќе продолжи да се обидува да допре до руската публика користејќи ја „секоја можна платформа”, додаде тој.

10.52ч. Украинскиот преговарач Арахами се надева на отворање хуманитарен коридор од Харков

Шефот на украинската делегација за преговорите со Русија, Дејвид Арахами, се надева дека денеска може да се отовори хуманитарен коридор од источниот град Харков.

„Да даде Господ, во недела ќе има коридор”, напиша преговарачот Арахами на Фејсбук, одговарајќи на коментарот на една жена за тоа дека требало да се слуша и да се договори прекин на огнот со Русија.

Харков / Фото: EPA-EFE/SERGEY KOZLOV

10.26ч. Втор обид за евакуација на цивили од Мариупол

Во Мариупол, пристанишен град на југот на Украина е објавен привремен прекин на огнот, соопшти градскиот совет.

Тој ќе биде на сила од 9 до 18 часот по локално време, јавува Би-Би-Си.

Цивилите ќе можат да се евакуираат од градот по претходно договорена рута од 11 часот по локално време.

Цивилите ќе можат да се евакуираат од Мариупол со автобуси од три места во градот, а ќе ја следат претходно договорената рута, која завршува во Запорожје, соопштија властите.

Можно е да се излезе од градот и со приватни возила, но од нив е побарано да возат зад автобусот во конвој предводен од Црвениот крст.

На жителите на Мариупол прво им беше дозволена евакуација, а потоа беше стопирана/Фото: Lorena Sopêna / ContactoPhoto / Profimedia

Градскиот совет додаде дека треба да се пополнат сите места во приватните возила.

Иако веста за новиот прекин на огнот е позитивна, сличен обид за евакуација, најавен во саботата, пропадна по само неколку часа.поради продолжување на конфликтот, а украинската и руската страна меѓусебно се обвинија дека го прекинале примирјето.

09.50ч. ВИДЕО | Русите срамнија со земја украинска фабрика за тенкови

На околу 140 километри од Киев, во Житомир, руските сили срамнија со земја украинска фабрика за тенкови. На видеото кое го пренесе Си-Ен-Ен, кое вчера беше објавено на социјалните мрежи, се гледа како дел од фабриката за тенкови е срамнет со земја по нападот на руските сили.

Си-Ен-Ен пишува дека ја потврдил автентичноста на видеото кое прво беше објавено на Телеграм.

09.28ч. Украински Генералштаб: Се водат жестоки битки околу Миколајев и Чернихив

Украинските сили водат „силни битки“ против руските сили за контрола на градовите Миколајев на југ и Чернихив на северот на земјата, соопшти утринава Генералштабот на украинската армија, додавајќи дека во тек е украинска воена операција во источниот регион Доњецк.

Армијата во соопштението преку Фејсбук додаде дека главните напори се концентрирани околу градот Мариупол, стратешко пристаниште на југоистокот на земјата.

Војна Украина/ Фото EPA-EFE/ANDRII NESTERENKO

09.18ч. Русија ја обвини Украина дека подготвува нуклеарна „валкана бомба”

Повеќе руски медиуми денеска цитираат неименуван извор кој вели дека Украина е блиску до создавање нуклеарна „валкана бомба”, темелена на плутониум, иако изворот не наведува докази за ваквото тврдење, наведуваат британските медиуми.

Руските агенции Тасс, РИА и Интерфакс утринава цитираат руски „претставник на надлежно тело” кој вели дека Украина развива нуклеарно оружје во уништената нуклеарна централа Чернобил, која беше затворена во 2000 година, пренесуваат британските медиуми.

украина запорожје нуклеарна централа EPA-EFE/SERGEI SUPINSKY epa Historical Collection digitized in 2012 as part of the EURO-Photo project

08.42ч. Зеленски ги повика Украинците, но и Русите од Доњецк и Луганск да се борат за слободата на Украина

Украинскиот претседател Володомир Зеленски ги повика своите сонародници на борба и отпор заради прогонување на руските трупи од земјата.

„Мораме да излеземе надвор, мораме да се бориме! Секаде и секогаш кога за тоа има можност“, изјави Зеленски во видео порака синоќа.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски
Украинскиот претседател Владимир Зеленски / EPA-EFE/UKRAINIAN PRESIDENTIAL PRESS

На руски јазик тој им се обрати на граѓаните од самопрогласените „Народни републики“ Доњецк и Луганск во источниот дел од земјата:

„Ако мозокот не ви е испран од пропагандата, ако очите не ви се затворени од страв, борете се за своите права и слободата на Украина“.

 

08.34ч. Украинската Служба за безбедност тврди дека преговарачот Киреев загинал во специјална задача

Членот на украинската делегација за преговори со Русија, Денис Киреев загина во специјална задача, соопшти синоќа главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Украина.

Во соопштението се наведува дека Киреев е еден од тројцата разузнавачи кои загинале при извршување на специјални задачи, пренесе Тасс.

Денис Киреев, Фото: МИА

08.21ч. Украинската војска тврди дека Русија сака да ја заземе браната на хидроцентралата Канив, кај Киев

Украинската војска утринава предупреди дека руските сили сакаат да ја заземат браната на клучната хидроцентрала јужно од главниот град Киев, откако досега за време на инвазијата зазедоа неколку објекти од енергетската инфраструктура.

Во извештајот објавен рано утринава врвот на украинската армија изјави дека Русија планира да ја заземе браната на хидроцентралата Канив, што се наоѓа 150 километри јужно од Киев, на реката Дњепар.

Украински војници / Фото Sergei SUPINSKY / AFP / Profimedia

08.07ч. Боиченко: Мариупол се соочува со хуманитарна блокада

Градоначалникот пристанишниот украински град Мариупол, Вадим Боиченко, изјави дека неговиот град се соочува со „хуманитарна блокада” поради недостиг на основните комунални услуги.

-Руските воени единици ги прекинаа сите 15 далноводи до градот, па тој веќе пет дена е без струја, изјави Боиченко за украинската телевизија.

Тој додаде дека луѓето од зимата се тресат во своите станови бидејќи сите топлани се напојуваат на електрична енергија.

-Ниту мобилната комуникација не работи без струја, објасни тој.

Уште пред почетокот на војната, главниот градски водовод бил затворен, па пет дена по почетокот на инвазијата, сите резерви на вода биле исцрпени.

Боиченко ја обвини руската страна дека методолошки пристапува кон исклучување на сите комунални услуги и со тоа го зголемува притисокот.

Тој ја обвини и руската армија дека пука врз автобусите што требаше да ги евакуираат цивилите од градот преку  хуманитарен коридор. Од 50 автобуси останаа само 20, рече Биоченко.

-Можеби нема да имаме автобуси до следната можност за евакуација, рече тој.

Оваа информација не може независно да биде потврдена, јави ДПА.

Градоначланикот на Мариупол уште еднаш упати повик за воспоставување коридори за евакауција на старите, жените и децата од градот.

23.55ч. Кулеба: Русија загуби 10.000 војници

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска го повтори тврдењето на претседателот Владимир Зеленски дека Русија загубила повеќе од 10.000 војници.

Во видео пораката што ја објави украинската влада, Кулеба рече дека Русите изгубиле десетици авиони и стотици оклопни возила.

23.30ч. Град близу Киев е речиси целосно уништен, тврди регионален гувернер

Градот Бородјанка, близу Киев, речиси целосно е униптен, изјави вечерва регионалниот гувернер Олексиј Кулеба.

– Таму нема вода ни струја… Нема Бородјанка. Речиси е целосно уништен. Центарот на градот е едноставно ужасен. Бородјанка е под влијание на руските војници; тие ја контролираат оваа населба, рече Кулеба.

22.55ч. Путин потпиша нов декрет: Се прават списоци на непријателските земји кон Русија

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој се бара од руската влада во следните два дена да состави список на земји кои преземаат „непријателски акции“ против Русија, соопшти прес-службата на Кремљ.

Овие „непријателски акции“ вклучуваат воведување санкции за Русија и нејзините компании и луѓе.

Според Кремљ, влезот во Русија ќе биде поедноставен за странците и лицата без државјанство од Луганск и Доњецк.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот