Во вашето неделно мени задолжително вметнете ја и рибата

Фото: Профимедиа

Рибата е посебно важен и хранлив производ за човечкиот организам од причина што во нејзе има многу белковни, есенцијални аминокиселини и рибини масла кои се извор на енергија и содржат витамин А и Д.

Рибиното месо е богато со витамини Б1, Б2, Б3 и П. Витаминот А делува благотворно на зајакнување на слузокожата и дишните органи, против настинки и болести на органите за варење, против воспалителни процеси и тн. Витаминот Д ги зајакнува забите, коските, а витаминот Б12 го стимулира создавањето на крвни зрнца, што ја прави рибата корисна храна при анемија.

Печете во згреана рерна

Пржената риба ќе биде повкусна ако ја потопите 10 минути во млеко и потоа во брашно, па ја пржите во врело масло. За да не прска при пржење, а рибата добро да се испржи, покријте ја тавата со метално сито за таа намена (изгледа како голема лопатка за пинг-понг). За да избегнете кинење и распаѓање на рибата при пржење, треба да стои посолена 15-20 минути, за да впие сол. За да се отстрани јакиот мирис кој се создава при пржење, во маслото ставете еден компир излупен и исечен на кришки.

Фото: Профимедиа

Независно колку е голема рибата, секогаш се пече во претходно загреана рерна. Исто така добро е да ја оставите да стои посолена 15-ина минути, па да ја ставите во рерна. Секако рибата ќе е повкусна ако ѝ додадете зеленчук, особено лук и магдонос. По желба полејте ја со бело вино кое ќе и даде дополнителен вкус.

Варената риба е готова ако перките лесно се одвојуваат. Пржената риба е готова, ако кога ќе ја притиснете со лажица од неа излегува проѕирен сок. Не пржете замрзната риба, таа ќе остане жива внатре. Прво одмрзнете ја во сад со ладна вода, не во микробранова печка.
По консумирање риба не треа да пиете ладна вода (истото важи и при јадење мрсни производи) . Немојте да ја чувате рибата во фрижидер со млечни производи, бидејќи можат да замирисаат на неа.

Отстранете ги непријатните мириси

Profimedia

Ако садот во кој сте ја чувале рибата продолжи да мириса непријатно, измијте го со вода со оцет и тој ќе исчезне.  Кога подготвувате морска руба, попрскајте ја со оцет или сок од лимон пред термичка обработка, тоа ќе го отстрани мирисот. Ако сакате да ја варите, прво направете бујон од зеленчук, како за супа. За подготовка на желирана риба, ставете прво да се варат главите околу 20 минути и потоа во врелиот бујон ставете ги другите делови од рибата. Расипаната риба се познава по непријатниот мирис, мускулите се исушени, а ако ја притиснете со прст, останува дупка, ако ја исечете од неа излегува матна течност со меурчиња. Квалитетно замрзнатата риба има цврста површина, не ѝ е искината кожата, нема гребаници и собрана крв. Поткожната маснотија кај ваквата риба е бела, без непријатен мирис.

По готвење јакиот мирис од риба на вашите раце ќе го отстраните ако обилно ги истриете со сол или оцет, па потоа ги измиете со млака вода. Непријатниот мирис од ножот по сечење на рибата, отстранете го исто така тријеќи го со сол. Ако сте користеле машинка за мелење на рибата за ќофтенца или шницли, добро измијте ја со солена топла вода и исплакнете ја со чиста вода, па исушените делови оставете ги на суво место.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот