Во управните одбори на скопските градинки и средни училишта влегоа 88 „анонимуси“
Исто како и претходно, при изборот на членови на одборите на јавните претпријатија и установи, така и сега мнозинството во Советот изгласа 88 луѓе без пред советниците да се достават нивните биографии.
Откако пред два месеца, мнозинството во Советот на Град Скопје, поточно советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, изгласаа 117 членови на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија и установи само објавувајќи ги нивните имиња, на последната седница се повтори истото и со иста процедура се избрани 88 членови во одборите на градинките и средните училишта.
Препорачано
Притоа, како и во првиот случај, така и сега не беше доставена биографија за ниеден од предложените, а потоа и избрани кандидати. Советниците требаше да гласаат само за имиња, затоа што не ги добија податоците дали предложените се професионално подготвени да одговорат на работните задачи за кои се избрани.
За ваквата постапка реагираа од „Зелен хуман град“ посочувајќи дека Советот на Град Скопје без никакво претставување на кандидатите усвоил две одлуки во кои се предлагаат 88 претставници во управните одбори на детските градинки и во училишните одбори на средните училишта од подрачјето на град Скопје.
Советот на Град Скопје гласаше претставници во управните одбори на градинки и средни училишта без ниту една единствена биографија! Ниту една биографија и никакви дополнителни информации врз основа на кои советниците би можеле да дискутираат и да проценат дали предложените членови имаат квалификации и компетенции кои кореспондираат со институцијата во чијашто управувачка структура ќе ги плаќаме. Со сето ова се фрла сериозен сомнеж дали градските власти ги картелизираат институциите преку „пикање“ на свои неспособни партиски кадри со единствена цел да земаат паушал, на сметка на ефикасното водење на институциите кои треба да се грижат за растот и развојот на најранливата демографска група во општеството, децата – велат од ЗХГ.
Биографиите, како што беше посочено и претходниот пат, биле доставени до надлежните комисии на Град Скопје.


