Во текот на октомври Драгана Евтимова престојува во Храстник

Поетесата и преведувачка од словенечки на македонски јазик Драгана Евтимова, во текот на октомври престојува на резиденцијален престој во Словенија, во градот Храстник. Резиденцијата ја доделува Друштвото на словенечките книжевни преведувачи во Словенија.

На 5 октомври Евтимова имаше посета во библиотеката „Антон Совре“, а на 7 октомври се претстави во Савна Печ, каде читаше делови од преводот на кој работи моментално, а тоа е книгата „Буба“ од словенечката авторка Андреја Пеклар.

Антон Совре е словенечки филолог и преведувач што важи за најдобрите словенечки преведувачи на антички грчки дела, а воедно имал природен слух за јазик и превод. По него, од 1964 година се доделува најголемата награда на Друштвото на словенечките книжевни преведувачи, наречена „Совретова награда“.

Драгана Евтимова (1984) ги има објавено книгите „Постоењето на динамиката“ (поезија, 2005), „Јас сум некаде на друго место“ (поезија, 2011), „Фусноти по сеќавање“ (поезија, 2014), „Се гледаме наскоро. Е.“ (епистоларен роман, напишан заедно со визуелниот уметник Владимир Лукаш, 2017), „Растојанието меѓу две точки“ (хаику, 2018), „Концептот магичен реализам како културолошки феномен“ (теоретска книга, 2020) и „Анонимус“ (поезија, 2021). Член е на ДПМ и добитничка на наградата „Антево слово“. Активно преведува од словенечки јазик.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 199, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот