Плакат за фестивалот „Дрим шорт“ во Струга

Во Струга ќе се одржи осмото издание на фестивалот на кратки филмови „Дрим шорт“

Осмото издание на фестивалот на краток филм „Дрим шорт“ ќе се одржи од 8 до 11 август во Струга под мотото „Бесконечна слобода“ и ќе донесе четириесетина кратки филмски остварувања од филмски автори ширум светот.

Осум лета, една идеја за бесконечност. „Слободата“ денес е тема која често се користи, а ретко се ползува. Слободата, која е безброј пати злоупотребена, погазена, украдена и прелажана. Слободата, која денес е заробена од „слободниот свет“.

– Затоа осмото издание на фестивалот ќе се одржи со идејата за „Бесконечна слобода“, за оние кои измислуваат нови универзуми и за оние кои патуваат низ нив, за оние кои веруваат и за оние кои не веруваат. Слободата е болест што не се лекува. А филмот е една бесконечност од светови, фантазии и имагинации, во кои слободата не завршува онаму каде што почнува слободата на другиот. Денес, кога реалниот свет е посуров од филмската фикција, тогаш бесконечноста е нашиот придонес кон слободата – истакнуваат од фестивалот „Дрим шорт“.

Фестивалската програма ќе биде распределена во четири фестивалски денови, со филмови во интернационална, регионална, студентска поддржана од „Јуроп хаус Струга“ и специјална програма со наслов „Соочување со минатото“ во соработка со Форум ЗФД Скопје, во селекција на Иван Бакрач. Со цел промоција на македонскиот филм и македонските филмски автори, фестивалот и оваа година ќе ја претстави програмата „MK Special“, чиј победник го избира публиката. Фестивалот продолжува со VR програмата, каде ќе се прикажат кратки филмови во специфичен формат.

Во едукативниот дел од фестивалот ќе има два мастеркласови, како и една дискусија за филм на тема „Соочување со минатото“ во соработка со Форум ЗФД Скопје, на која ќе учествуваат филмски уметници од регионот.

Музичката програма оваа година е посветена на македонската музика. Фестивалот на 8 август ќе го отвори групата „Фолтин“ со целовечерен концерт, а на 11 август ќе го затвори групата „Искра“, која со себе носи информации од иднината.

Фестивалот ќе биде реализиран во соработка со „Sky Music Center Skopje“, Министерството за култура, Форум ЗФД Скопје, „Јуроп хаус Струга“, НУЦК „Браќа Миладиновци“ – Струга, AКВА Струга, Хотел „Дрим“, Струшки вечери на поезијата, Мезе бар „Кингстон“ и Мезе бар „Барабар“. Медиумски покровители на фестивалот се „Плеј радио“ и „Филм+“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот