Во Штип студираат 1200 странски студенти, потребен е нов студентски дом

Штип / Фото: МИА

Странските студенти по пандемијата се вратија на Универзитот „Гоце Делчев”(УГД)-Штип. Според податоците на ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски, на факултетите во Штип студираат околу 1200 странски студенти, од кои најголемиот дел се од Турција.

Ги има и преку студентската размена, односно Програмата Еразмус плус од Шведска, Шпанија и Германија.

Бројката на странски студенти варира, дел од тие студенти се апсолвенти или доаѓаат на Еразмус програми и се краткотрајно присутни во градот, се работи за неколку месеци. Вкупната бројка на активни странски студенти е околу 700, имаме на подготвителна настава по македонски јазик уште околу 500, вели Мираковски.

Токму враќањето на странските студенти во Штип го актуелизира и проблемот со нивното сместување, како и изградбата на студентскиот град, на просторот кај старото Нервно одделение. Поголемиот дел од странските студенти плаќаат кирии за станови или куќи, сместени се во неколку приватни студентски домови, а мал дел и во државниот ученички дом. На факултетите на Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип, Струмица, Кавадарци и Скопје студираат околу 8000 студенти, од кои 6000 домашни и странски студенти се во Штип.

Пред десетина година Општина Штип го отстапи корисничкото право на локацијата кај старото Нервно одделение на Универзитетот „Гоце Делчев”-Штип, каде што сега урбанистички се шири градот, а градежните компании имаат интерес за изградба на станбени згради.

Градоначалникот на Штип Иван Јорданов вели дека во тек е изработка на Детален урбанистички план кај Мирјанина црква, каде што ќе се изградат типските куќи за семејствата, кои во моментов живеат во старите згради на Нервното одделение.

Очекува напролет да биде готов Деталниот урбанистички план, по што ќе се распише тендерот за изградба на типските куќи за социјално ранливите семејства. Средствата за реализација на овој проект се обезбедени од ЕУ-фондовите.

Дефинитивно наша цел, и на општината и на Универзитетот со ресорното министерство, е таму да се урбанизира просторот кој во моментот е една грда и небезбедна слика за градот, додаде Јорданов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот