Цени во маркети / Фото: Dmitriy Shironosov / Alamy / Profimedia

Во шопинг се оди со список, а фрижидерот се проверува често – скапата храна ги менува навиките на граѓаните

Околу 41,4 отсто од граѓаните признаваат дека фрлаат барем една порција готвена храна во текот на една недела, додека 35,6 отсто изјавиле дека воопшто не фрлаат никаква готвена храна. 10 отсто од граѓаните признале дека фрлаат еден килограм сирова храна во текот на неделата, а само 3 отсто, фрлаат повеќе од 2 килограми

Скапата храна и големите суми кои се одлеваат од семејниот буџет се најголемата причина што речиси 40 отсто од македонските граѓани барем еднаш дневно проверуваат што имаат во фрижидерот и во кујната, а 23 отсто тоа го прават еднаш неделно. Попис на залихите, никогаш не прават само 2,6 отсто, покажа истражувањето на Организацијата на потрошувачите за потрошувачката и фрлањето на храната. Од ОПМ за „Слободен печат“, додаваат и дека старата традиција за „празнење на чинијата до последниот залак“ и натаму е важен податок за тоа како Македонците се однесуваат на трпезата.

Сепак, околу 41,4 отсто од граѓаните признаваат дека фрлаат барем една порција готвена храна во текот на една недела, додека 35,6 отсто изјавиле дека воопшто не фрлаат никаква готвена храна. 19 отсто од испитаниците, изјавиле дека фрлаат 2-3 порции готвена храна неделно, а само 4 отсто фрлаат 4 или повеќе порции. Свежи производи не фрлаат речиси 50 отсто од граѓаните, додека 38 отсто од нив, фрлаат половина килограм сирова храна неделно. Но, 10 отсто од граѓаните признале дека фрлаат еден килограм сирова храна во текот на неделата, а само 3 отсто, фрлаат повеќе од 2 килограми.

-И новите како и старите домаќинки, се почесто ги планираат дневните оброци, ги замрзнуваат остатоците, соодветно ја складираат храната (користејќи херметички затворени кутии), на шопинг одат со подготвена листа и редовно ги проверуваат залихите, односно фрижидерот. И во однос на остатоците од храна, имаме добри практики, бидејќи повеќето од граѓаните навеле дека повторно ја користат храната за други оброци, ја компостираат или пак ја донираат. Може да се забележи дека граѓаните се умерено активни во обидот за да го намалат отпадот од храна. Сепак, забележливо е дека преостаната храна се фрла, а така се однесуваат и кон готвената храна секоја недела, додека пак околу половина од испитаниците се изјасниле дека на неделно нивно фрлаат и одредено количество на сирова храна – сумираат од ОПМ.

Од одговорите во анкетата на ОПМ, станува јасно дека граѓаните не се доволно запознаени за било какви кампањи или иницијативи за намалување на отпадот од храна во заедницата каде живеат.

-Јасно е дека купувањето и готвењето на голема количина храна се главните причини за отпадот од храна, но и производите со изминат рок на употреба и несоодветни практики за складирање на храна се значајни фактори кои придонесуваат за отпад од храна. Сепак, веруваат дека токму потрошувачите се оние кои треба да се сметаат како најодговорни кога станува збор за намалување на отпадот од храна – додаваат од ОПМ.

Во анкетата на ОПМ (61 отсто) биле лица на возраст од 36 до 55 години, а 74,1 отсто биле жени. Повеќето од испитаниците кои одговориле на анкетата живеат во домаќинства со 2-3 лица (45%) или 4-5 лица (42%). Помал дел од испитаниците живеат самостојно (8%) или во домаќинства со 6 или повеќе лица (5%). Ова укажува дека повеќето испитаници живеат во релативно мали до средни домаќинства. Во однос на приходите на годишно ниво на домаќинство, утврдено е дека поголем дел од испитаниците имаат релативно пониски до умерени приходи, додека помалиот број се со повисоки приходи и во целина, повеќето испитаници имаат некое ниво на познавања за отпадот од храна.

Според одговорите, за повеќе од половина од потрошувачите (52%), најбарани ресурси или информации кои ќе им помогнат да го намалат отпадот од храна се едукативни кампањи за отпадот од храна. Поголем процент од 45,4% од испитаниците се одлучиле за опцијата – соодветни методи за складирање на храната, додека опцијата – рецепти за остатоци од храна ја избрале 39,1% од испитаниците, а 35,9% од испитаниците ја избрале опцијата – совети за планирање на оброците. Помал број испитаници се заинтересирани за апликации / алатки за следење на залихите на храна (23,3%) и правилни методи за транспорт на храна (8,6%).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот