Во сенка на Меси: Алба и Бускетс ставија точка на блескавите кариери
Во сенка на големата МЛС титула и мајсториите на Лионел Меси, две легенди на шпанскиот фудбал – Жорди Алба и Серхио Бускетс – ставија крај на своите професионални кариери. И двајцата поранешни репрезентативци на Шпанија изборија пензија во стил, играјќи го финалниот меч од МЛС плејофот против Ванкувер и давајќи значаен придонес во освојувањето на шампионската титула на Интер Мјаими.
Препорачано
Алба својот последен допир со топката го имаше токму во завршните моменти од натпреварот – длабоко во судиското продолжение. Со прецизен лоб-пас го пронајде Меси, кој асистираше до Алјенде за третиот погодок и конечен печат на победата. Неговиот последен потег беше вистинска фудбалска поезија, симболично заокружувајќи ја една од најконзистентните кариери во модерниот фудбал.
Серхио Бускетс, човекот симбол за тактичка интелигенција и елеганција во играта, исто така го одигра својот последен меч. Тивко, без голема бука – како и што беше во најголем дел од неговата кариера – но со неизмерно влијание врз играта на својот тим и врз целата генерација што дојде по него.
И Алба и Бускетс беа дел од златната ера на Барселона и на шпанската репрезентација, освојувајќи ги сите можни трофеи: Ла Лига, Лигата на шампионите, Купот на Шпанија, Суперкупот на Шпанија, Суперкупот на Европа, Европското првенство… а сега и МЛС титула.
Шпанија се простува од две имиња кои тивко, но континуирано ја обликуваа една од најуспешните фудбалски приказни во историјата. Алба и Бускетс заминуваат во пензија како вистински легенди и како едни од најтрофејните играчи во последните децении.


