Во романот „Баба Илка“ детската љубопитност се среќава со суровата реалност на животот
Книгоиздателството „Макавеј“ го објави новиот роман на Жан Илиески, насловен „Баба Илка“. Ова дело претставува емотивно патување низ ходниците на сеќавањето, каде што детската љубопитност се среќава со суровата реалност на животот.
Препорачано
Низ призмата на три летни распусти на едно 7-годишно момче и неговата сестра кај нивната баба во Прилеп, авторот Жан Илиески ја отсликува атмосферата на едно минато време – исполнето со мирис на сушен тутун, звуци на фудбалски радио-преноси и топлината на едноставните, но длабоки човечки врски.
Во центарот на оваа приказна е баба Илка, тивка хероина чиј секојдневен труд и пожртвуваност го обликуваат светот на нејзините внуци. Прилеп е македонското Макондо, Илка е женската Зорба.
Уредникот на изданието проф. Владимир Цветкоски оценува дека „Баба Илка“ е приказна за созревањето, за спознавањето на светот и страдањето. Сето тоа е во сенката на една впечатлива женска фигура. Авторот Жан Илиески вешто го користи автентичниот прилепски дијалект и колоквијалниот говор за да постигне уметнички убедлив израз, спасувајќи ги од заборав ликовите и времињата кои полека исчезнуваат.
Промоцијата на романот „Баба Илка“ ќе се одржи на 17 март, со почеток во 19 часот, во „Салон 19:19“ во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје. Модератор на настанот ќе биде Ана Јовковска.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 323, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8.3.2026)


