Гитаристот Дејан Милевски настапи во акустичниот амбиент на црквата „Света Софија“

Во Охрид се случи возбудливо осмомартовско патување во светот на гитарата со Дејан Милевски

Националната установа „Охридско лето“ на 7 март организираше осмомартовски концерт на кој настапи младиот виртуоз на класична гитара Дејан Милевски, охриѓанец со меѓународна уметничка кариера.

Магичната атмосфера во акустичниот амбиент на црквата „Света Софија“, Милевски ја создаде со дела од барокната елеганција и композиции од романтизмот, а вечерта ја заокружи со избор од шпанскиот и латиноамериканскиот колорит, со што предизвика воодушевување кај публиката.

Директорот на Националната установа „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски истакна дека задоволството е огромно кога покрај врвните странски уметници, „Охридско лето“ ги промовира и македонските.

– Овој концерт е еден од низата коишто ги организираме во офф-програмата на „Охридско лето“, сè со цел, на охридската публика да ѝ овозможиме да ужива во класичната музика и вон летните месеци. По успешниот новогодишен концерт, одлучивме во пресрет на 8 Март како подарок за сите дами во Охрид да организираме бесплатен концерт што ќе им ги стопли срцата. На програмата го имаме македонскиот гитарист Дејан Милевски, којшто првпат настапува во рамки на „Охридско лето“. На мое огромно задоволство, Дејан е охриѓанец кој живее и работи во Австрија. Предава класична гитара и концертира, и како директор на оваа престижна установа, ми е особена чест што овозможуваме македонски уметници да настапат на нашата програма – рече Цуцковски.

Гитаристот Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во САД, Германија, Италија, Австрија, Македонија… Добитник е на бројни награди на меѓународните фестивали за гитара, а неговото мајсторство врз класичната гитара несебично го пренесува на учениците од музичкото училиште „Helmut Schmidinger“ во Грац, Австрија.

– Во црквата „Света Софија“ се враќам по 15 години. Последен пат настапив во 2011 година, како ученик во ОМУ „Методи Патчев“. За мене е посебна чест да бидам дел од одбележувањето на празникот на жената со концерт. Се обидов да го доловам романтизмот, а некои дела, како што истражував, и премиерно ги изведов во Македонија – изјави гитаристот Милевски.

Според првиот човек на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, официјалната програма за претстојното 66. издание на фестивалот е веќе затворена и се очекува да биде промовирана во текот на април.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот