Во очекување на „Мандалоријан“

Instagram

„Мандалоријан“, а за тоа се апсолутно сложни фановите на „Војната на ѕвездите“, е најдобриот проект од франшизата, направен по преземањето на „Лукас артс“ од страна на „Дизни“.

„Војната на ѕвездите“ е најскапата филмска франшиза во светот, со верни фанови од целиот свет, кои не жалат пари за кинобилети, играчки, маички и други предмети со ликовите на продукцијата. Но, факт е дека откако за 4,5 милијарди долари „Дизни“ ги откупи акциите во „Лукас артс“ од креаторот на „Војната на ѕвездите“, Џорџ Лукас, популарноста на франшизата полека, но сигурно почна да се намалува.

Трите продолженија од оригиналната приказна, кои беа снимени во „ерата“ на Дизни, наидоа на големо незадоволство од публиката, најмногу поради менувањето на „каноните“, кои во текот на децениите беа поставени од големиот број книги, новели, стрипови и анимирани филмови. Сѐ што знаевме за историјата на џедаите и ситовите, за „далечната Галаксија“, за сагата што се случила многу одамна, за Републиката и Империјата, беше збришано со трите филма продуцирани од „Дизни“.

Затоа, последната година целото внимание е свртено кон „Мандалоријан“, првата ТВ-серија од франшизата, режирана од извонредниот Џон Фавру.

Мандалоријанецот на помош ја добива Асока Тано

На интернет-форумите и на страниците што го носат предзнакот „Стар варс“, деновиве ќе пронајдете огромен број возбудени фанови, кои едвај чекаат да дојде 30 октомври, за кога е закажана премиерата на првата епизода од втората сезона на „Мандалоријан“. Секој од нив ќе ви се заколне дека Педро Паскал, актерот што ја толкува главната улога, самиот на свој грб ја носи целата франшиза, бидејќи единствено неговиот проект содржински може да се вметне во сѐ она што беше создадено во времето на Џорџ Лукас.

Во втората сезона Паскал се очекува да добие голема помош од искусната актерка Росарио Досон, која ќе се појави во улогата на Асока Тано, падаванот на ноторниот Анакин Скајвокер, која засега имавме можност да ја видиме единствено во анимирана форма и тоа во серијалот – „Војната на клоновите“.

Во потрага по корените на Јода

Од тоа што може да се дознае како најава за втората сезона е дека приказната повторно ќе се врти околу „бебето Јода“, а речиси сигурно главните ликови ќе се обидат да ја пронајдат неговата матична планета, со што за првпат ќе се открие светот од кој потекнува најмудриот џедај во Галаксијата.

Секако дека Фавру и неговите соработници ни подготвиле и неколку изненадувања, кои во голема тајност ќе се чуваат до премиерата.

„Мандалоријан“ секако дека е големо освежување за вистинските следбеници на „Војната на ѕвездите“, но интересно е дека оваа серија има капацитет да привлече и поголема публика, односно да им се допадне и на гледачите на кои останатите проекти од франшизата не им се допаѓаат. Затоа многумина побрзаа втората сезона од серијата да ја прогласат како нешто најзначајното што ќе биде прикажано во текот на 2020 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот