Јапонки/Фото: EPA-EFE/FRANCK ROBICHON

Во Јапонија за првпат ќе биде одобрена таблета за абортус

Во Јапонија за првпат ќе биде одобрена таблета за абортус, неколку децении откако тоа го направија другите земји, пренесува „Си-Ен-Ен“.

Фармацевтскиот комитет на министерството во петокот ја одобри МеФиго Пек, пилула за абортус, произведена од британскиот производител на лекови „Лајффарм“.

Министерството првпат се состана во јануари за да го разгледа лекот, пред да побара од јавноста да го даде своето мислење преку онлајн анкета. Сега резултатот ќе оди кај министерот за здравство на конечно одобрување.

Лекот се состои од два вида таблети и може да се користи во рок од девет недели од бременоста, според јапонскиот јавен сервис „НХК“. Во клиничкото испитување во Јапонија, 93 отсто од учесниците имале целосен спонтан абортус во рок од 24 часа.

Лекот комбинира мифепристон и мизопростол, кои Светската здравствена организација ги вклучи во листата на есенцијални лекови, опишувајќи ги како безбедни и ефективни за бремени жени.

До денес, во Јапонија беше достапен само хируршки абортус преку два методи. Се изведува киретажа со која се отстранува ткивото во внатрешноста на матката со метален инструмент, додека методот на евакуација вклучува вшмукување на ткивото преку цевка.

СЗО ја опиша киретажата како застарена метода која е помалку безбедна и многу поболна. Тие повикаа киретажата да се замени со методот на евакуација или со лекови како што е апчето за абортус.

Потегот на Јапонија доаѓа откако абортусот и репродуктивните права повторно го привлекоа глобалното внимание, при што Врховниот суд на САД минатата година го укина Роу против Вејд, пресудувајќи дека повеќе не постои федерално уставно право на абортус.

Оттогаш, голем број американски држави го ограничија пристапот до абортуси, додека други се обидоа да го зголемат пристапот. Одлуката на Јапонија во петокот ја прославија медицинските експерти во земјата, што ја објавија на интернет.

Според постојните закони во Јапонија, жените можат да абортираат само ако бременоста „може значително да го оштети нејзиното физичко здравје поради физички или економски причини“ или ако забременила како резултат на силување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот