
ДЗР: Во Централниот регистар се набавувал мебел без потреба, службените картички никој не ги контролира
Несоодветно евидентирање на приходите, проблеми со долгови, законски недоречености, нефункционални регистри, се дел од неправилностите што ги констатирала државната ревизија на финансиското работење на Централниот регистар за 2023 година.
Препорачано
Поради тоа Државниот завод за ревизија изрази неповолно мислење за објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за финансиските трансакции.
Ревизорите утврдиле дека за приходите од над пет милиони евра што Централен регистар ги оствари во 2023 има неусогласеност во сметководствената евиденција.
„Ревизијата утврди дека податоците за бројот и видот на извршените услуги не се во согласност со искажаните приходи во сметководствената евиденција, што ја доведува во прашање точноста и целосноста на прикажаните приходи. Главни причини за ова се недостаток на софтверско решение за поврзување на извршените услуги со наплатениот надоместок, отсуство на контроли при евидентирањето на приходите и примената на попусти или бесплатни услуги во одредени случаи“, се наведува во ревизорскиот извештај.
„Со извршената ревизија утврдена е несоодветно воспоставена сметководствена евиденција на дел од градежните објекти со набавна вредност од 186.635 000 денари, кои на Централен регистар, му се доделени со извршената трансформација на поранешниот Завод за платен промет. Несоодветно евидентирање е утврдено и кај завршените вложувања во изградба и реконструкција на градежни објекти во износ од 15.185 000 денари“, се наведува во извештајот на ДЗР.
Ревизорите констатирале дека со интерен правилник, без согласност од Владата, институцијата продала возило, а утврдени се и неусогласености во пресметката на платите на вработените и неправилности во постапките за вработување. Констатирани се и други слабости и дадено се препораки од страна на ревизорите за нивно надминување.
Во одговорот од Централен регистар за извршената ревизја е посочено дека дел неправилности се веќе отстранети, а и за останатите се постапува по препораките на државните ревизори.