Во Бигорскиот манастир пристигна икона на Св. Архангел Михаил од Бугарија

Архмандрит Партениј, срдечно и најтопло се заблагодари за, како што рече, оваа голема чест и радост во пресрет на празникот Богојавление.

Во пресрет на празникот на Божественото Просвештение и на светлото Богојавление над реката Јордан, Бигорската Обител беше удостоена со голем ангелски благослов. Имено, во Манастирот пристигна прекрасна икона од војсководецот на светите ангелски сили, светиот Архангел Михаил.

– Иконата на небесниот Архистратиг, изработена во сребрен опков со позлата, украсен со бисери и полудраги камења, ја донесе лично нејзиниот творец, нашиот драг пријател, добропознатиот зограф Димчо Димчовски од Република Бугарија, во придружба на двајца свои сопатници. Тој ѝ ја подари на нашата Обител оваа преубава икона со благоволение и благослов на Епископот Велички, неговото Преосвештенство г. Сиониј, од Бугарската православна црква, кој воедно е игумен на двата мошне значајни бугарски манастири – Тројанскиот и Бачковскиот, вели отец Кирил од Бигорскиот манастир.

Архмандрит Партениј, срдечно и најтопло се заблагодари за, како што рече, оваа голема чест и радост во пресрет на празникот Богојавление.

-Тие ни доаѓаат од нашиот братски сосед Република Бугарија. Во овој момент го молиме великиот Архистратиг, свети Архангел Михаил, да го умножува братољубието меѓу православните браќа насекаде, бидејќи токму од нас, поклониците на Троичниот Бог, се очекува да покажуваме меѓусебна љубов во Христа, како што и тој, нашиот спасител, им рекол на своите ученици „По тоа ќе ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“, рече Архимандрит Партениј.

Тој се задржа и на нашата црква, Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на Македонската православна црква, која повеќе од пет десетлетија се бори за својата автокефалност, за своето место под небесното Сонце „кое Сонцето на правдата – Христос Бог, го испраќа подеднакво за сите“.

– И ете, благодарение на таа макотрпна борба, како и на вишното просветление на нашиот богомудар Вселенски Патријарх, г. г. Вартоломеј, се наоѓа, се надеваме, пред прагот на нејзиното признавање. Православните браќа, пак, во Бугарија веќе долго време имаат призната автокефална Црква. На тие простори, додека овде дејствувала Охридската Архиепископија, таму пастирствувала Трновската Патријаршија. И ете, денес, за слава на Бога, Бугарската Црква има своја автокефалија и свој самостоен претстојател. Сега, полезно е, во духот на Христијанството и братољубието, високиот клир на Бугарската Црква да се израдува заедно со своите браќа и христијанската паства од оваа земја-маченица и да ја поддржи Великата Христова Црква – Вселенската Патријаршија во нејзината иницијатива да ја исправи долгогодишната неправда, та древната Охридска столица рамноправно да биде прифатена од сите други помесни православни Цркви во светот, порача Архимандрит Партениј.

Донаторот Дамчовски рече дека иконата прстигнала тука по нарачка на Епископот Сиониј.

– Кога пристигна кај нас веста за Вселенскиот Патријарх, кој донесол едно такво, исклучително светло решение да посредува за востановување на канонското општење на вашата Црква, дедо Сиониј не замоли да ја донесеме оваа икона како знак за братољубието меѓу браќата во Христа од Бугарија и Македонија, рече Дамчевски.

Тој му се заблагодари на Старец Партениј, што и претходно, ги примил од нив и другите икони, што како дар му ги донеле по благословот на дедо Сиониј, кој го препознал отец Партениј како Партениј градителот, кој за толку кратко време успеа, не само да го востанови Манастирот, туку и да го обнови општежителното монаштво во земјава, заедно со други светогорски отци…

– Вие сте едно прекрасно, големо и сплотено братство. Ви благодариме што сте пример за сите нас! Во лицето на отец Партениј и на ова братство, ние препознаваме вистински духовни водачи на православниот народ во овие тешки времиња. Ви благодариме што ве има. Овој скромен дар е најмалото што можеме да го направиме за вас, рече Дамчовски.

Ова е третпат како со благослов на владиката Сиониј, зографот Димчовски му подарува икона на игуменот на манастирот Архимандрит Партениј. Првпат, пред три години тоа беше иконата на светите Кирил и Методиј, а потоа на свети Великомаченик Георгиј за манастирот во Рајчица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот