ВМРО ДПМНЕ ги објави носителите на листи за парламентарните избори, Мицкоски и Ковачевски влегуваат во трка за првата изборна единица

Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски официјално ги претстави носителите на пратеничките листи на парламентарни избори на 8 мај и при тоа потврди дека тој ќе биде носител на пратеничката листа во изборната единица еден.

Местата за носители во останатите изборни единици, како што се најавуваше претходно, се резервирани за партиските потпретседатели и за уште двајца пратеници.

Па така, на листата што ја кандидира ВМРО-ДПМНЕ се најдоа  имињата на потпретседателот на партијата – Владо Мисајловски, кој ќе биде носител во изборната единица два, и на пратеникот Драган Ковачки, како носител во изборната единица три. Во „четворката“, прв на ливчето ќе биде потпретседателот Александар Николоски.

Одлука кој ќе биде носител во изборната единица пет, како што најави Мицкоски, ќе биде донесена во текот на денот, а во изборната единица шест, носител ќе биде жена  односно актуелната пратеничка Дафина Стојановска.

Инаку, пред десетина дена, и лидерот на СДСМ и доскорешен премиер, Димитар Ковачевски, најави дека за две-три недели СДСМ и Коалицијата ќе го заокружат процесот на формирање на листите за народни избраници и потврди дека СДСМ ќе има носители во сите шест изборни единици.

Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, во меѓувреме, во неколку наврати, најави дека тој ќе биде носител на листата на СДСМ во изборната единица еден.

Па така, засега е познато дека во „кецот”, покрај Христијан Мицкоски од ВМРО ДПМНЕ и Димитар Ковачевски од СДСМ, во оваа изборна единица ќе се натпреваруваат и актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, која најави дека ќе биде носител на листата на партијата Алтернатива и Димитар Апасиев, лидерот на Левица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот