Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Власта мнозинството за промена на Уставот ќе го бара меѓу партнерите и меѓу пратениците од ВМРО-ДПМНЕ

Не планираме ни избори ни реконструкција на Владата, туку сакаме да го зголемиме мнозинството. Намерата е во овој мандат Уставот да се отвори, вели за „Слободен печат“ висок функционер од власта.

Владата не планира предвремени избори, ниту гледа потреба за референдум, напротив во тек се интензивни комуникации за окрупнување мнозинство до 80 пратеници за да почне процедурата за измени на Уставот за влез на Бугарите во него, брифираат за „Слободен печат“ високи владини функционери откако некои партнери од власта не ја исклучија можноста наместо на референдум, партиите да одат на избори.

– Не планираме ни избори ни реконструкција на Владата, туку сакаме да го зголемиме мнозинството. Намерата е во овој мандат Уставот да се отвори – вели висок функционер од власта.

Од власта тврдат дека мнозинството е стабилно и дека недоразбирањата со Алтернатива се надминати. Математиката на власта е дека мнозинството што го поддржа францускиот предлог, вклучително со целиот албански парламентарен блок, брои 74 пратеници и дека недостасуваат уште шест за двотретинско мнозинство за промена на Уставот.

Според информации од власта, веќе се прават комуникации со пратеници од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување двотретинско мнозинство. Од власта се уверени дека ќе обезбедат мнозинство за Уставот полесно отколку за Преспанскиот договор, бидејќи пратениците треба да се изјаснат за европска или за изолирана Македонија. Дури сметаат дека и кај пратеници на ВМРО-ДПМНЕ има такво расположение, без оглед што потпишаа нотарски изјави дека нема да дозволат отворање на Уставот. Оттаму велат дека во ВМРО-ДПМНЕ има „проевропско“ крило кое ќе гласа „за“, а веруваат дека дополнително ќе расте и притисокот од Брисел и од Вашингтон кон опозицијата да не го кочи процесот на официјален почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Според информациите до кои дојдовме, власта прво ќе работи на обезбедување на бројката од 80 пратеници, која е неопходна за промена на Уставот, пред да почне процедурата за измени.

Трајанов е за предвремени избори

Темата за одржување предвремени парламентарни избори ја отвори пратеникот од власта Павле Трајанов, кој е претседател на коалицискиот партнер Демократски сојуз. Во изјава за медиуми тој рече дека Владата нема да организира референдум за францускиот предлог и дека пореално е да се оди на избори.

– Наместо референдум, Владата односно партиите и пратениците можат да одат на предвремени избори и да барат поддршка од граѓаните, меѓу другото и за преговарачката рамка и политиките кои ги имплементираат – смета Трајанов.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, пак, тврди дека предвремени избори ќе нема и дека мнозинството е стабилно, со индиции да расте во следниот период.

Со жестока критика против опозицијата повторно се јави еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи. Тој во интервју за „Еуроактив“, во контекст на отворањето на преговорите со ЕУ на Северна Македонија и Албанија, ја искритикува опозицијата дека ги поминала основните демократски црвени линии при дејствувањето против францускиот предлог.

– За Северна Македонија ова треба да биде момент за отрезнување, и за опозицијата. Палењето документи во пленарна сала, туркањето на луѓето во насилство и поттикнувањето омраза, не носат ништо, само штета. Постојат многу јасни граници за европскиот начин на водење политика, многу јасни граници за цивилизирана политика, а моја процена е дека многу од тие црвени линии беа поминати од опозицијата – вели Вархељи.

Еврокомесарот, кој доаѓа од партијата на премиерот на Унгарија Виктор Орбан, ја искритикува опозицијата и на прес-конференцијата во Брисел по првата Меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ. Тогаш тој порача дека се надева дека опозицијата отсега ќе работи за европската иднина, бидејќи очекува да го испорача тоа и дека уставните измени ќе мора да се случат.

Од ВМРО-ДПМНЕ за критиките на Вархељи повторија дека остануваат на ставот на лидерот Христијан Мицкоски дека го почитува ставот на еврокомесарот, но и дека се надева дека Вархељи ќе го почитува неговиот став.

– Мојот став е дека Македонија и македонскиот народ премногу дадоа за тие европски вредности. Насила ни беше сменето знамето, насила ни беше наметната времената референца за името, добивме случај во Хаг, но и тој насила ни беше поништен под изговор дека тоа е меѓународно право и појаките имаат поголемо право. Потоа насила ни беше променет Уставот, насила ни беше променето уставното име, насила сега беше прошверцуван обид да се начне македонскиот идентитет и ако сите овие се европски вредности, простете, но јас не сакам да ги споделувам – изјави тогаш Мицкоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека немаат информации дека власта има комуникација со пратеници од нивната коалиција и се децидни дека ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за промена на Уставот. Од таму тврдат дека власта во Собранието не е во кондиција да собере мнозинство за кворум, а не пак, двотретинско за Уставот и ја повика на избори и за францускиот предлог и за референдумот.

Османи не гледа причина да се одржи референдум

Шефот на дипломатијата Бујар Османи не гледа причина да се одржи референдум, освен како што вели, ако опозицијата е против ЕУ, а за евроазиска унија.

– Освен ако референдумското прашање не биде дали сте против ЕУ со македонски јазик во него, не знам за што друго би имало референдум, бидејќи сите прашања што за нас се важни се обезбедени со овој предлог – јазикот е чист, историските прашања не се одредници за отворање и за затворање на поглавја, имаме почеток на преговори. Единственото логично прашање во тој референдум би било дали сте за стопирање на европскиот пат на Северна Македонија, притоа загрозувајќи го македонскиот јазик во ЕУ, друга причина за референдум не гледам. Или треба да прашате дали сте за евроазиска унија или дали сте против Европска Унија и против македонски јазик во ЕУ. Доколку има такви причини за референдум, тоа е друга дебата и секој треба да си ја објасни својата позиција. Ако некој е за стопирање на процесот на ЕУ, ако е за нова алтернативна унија, тоа е легитимно, нека го отворат тоа прашање и граѓаните ќе го кажат своето мислење – вели Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот