Владејачката коалиција стои, пратениците се нишаат
Иако власта уверува дека мнозинството е стабилно, сигналите од Собранието и реториката на опозицијата отвораат сомнеж за можни поместувања. Во пресрет на реконструкцијата на Владата се засилуваат шпекулациите за незадоволни пратеници и нови политички договори зад сцената. Наредните месеци ќе покажат дали станува збор за изолирани потези или за почеток на поширока прегрупирачка игра.
Колку е стабилна владината коалиција и дали зад сцената се подготвуваат нови пратенички „прелети“? Ова прашање повторно станува актуелно во пресрет на најавената реконструкција на Владата и засилените политички движења во Собранието.
Препорачано
Формално, мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Вреди и ЗНАМ, засега не покажува знаци на распад. Така барем тврди премиерот Христијан Мицкоски, кој категорично ги отфрли шпекулациите и порача дека коалицијата е стабилна.
– Коалицијата со движењето ЗНАМ не се распаѓа – изјави Мицкоски додавајќи дека ваквите тврдења „припаѓаат во рубрика хумор и сатира, а не во политика“.
Но, истовремено со ваквите уверувања, политичката динамика во Собранието отвора простор за поинакви толкувања.
Јадицата е фрлена
Гласањето на поединечни пратеници спротивно на позициите на власта, како и нивните воздржани или недоречени ставови, го наметнуваат прашањето дали станува збор за изолирани случаи или за почеток на поширок процес.
Случајот со пратеникот Миле Цеков, кој поддржа закон предложен од опозицијата, дополнително ги засили шпекулациите. Иако неговиот потег беше образложен како принципиелен став, неизвесноста околу неговото понатамошно политичко позиционирање отвори простор за различни сценарија.
Сепак, од владејачкиот табор неофицијално уверуваат дека нема простор за такви поместувања.
Членови на раководството на ЗНАМ тврдат за „Слободен печат“ дека бројот на нивните пратеници нема да се намали.
– Иако засега единствениот „осомничен“ е пратеникот Миле Цеков поради тоа што гласаше по своја волја за закон предложен од СДСМ, сепак, ве уверуваме дека не постои никаква шанса за негово „прелетување“ во пратеничката група на СДСМ. Отворено разговаравме со нашиот сопартиец и тој јасно кажа дека гласал по свое убедување и тука нема ништо спорно. Но, очигледно, ваквиот потег го користи опозицијата за да пушти јадица на која ќе се фатат медиумите. Впрочем, што би сменило доколку пратеничката група на СДСМ има 15 или 16 пратеници? – брифираат од ЗНАМ.
Денес еден, утре двајца…
Од друга страна, опозицијата отворено зборува за можни поместувања. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, тврди дека во владејачкиот табор веќе има разнишување и најавува разговори со пратеници.
– Има сè повеќе поединци што имаат такви иницијативи, јасно и гласно незадоволни од тоа како оваа власт ја тера работата – изјави Филипче додавајќи дека СДСМ веќе комуницира со дел од нив, но без да открива имиња.
Тој оценува и дека дел од гласачите што им дале поддршка на одредени партии од власта се чувствуваат изневерени.
– Луѓето очигледно мислеле едно дека ќе биде, но се покажало дека е друго. Имаше голем број луѓе што тогаш беа разочарани од СДСМ, го дадоа гласот за ЗНАМ и сфатија дека биле прелажани – рече Филипче.
Слични сигнали за можни прегрупирања доаѓаат и од други функционери на СДСМ. Членот на Извршниот комитет Андреј Жерновски во поткастот „Претрес“ откри дека партијата веќе води разговори за приклучување нови пратеници.
– Колку што слушам, колку што читам, ние ќе се окрупниме – рече Жерновски, појаснувајќи дека станува збор за нови пратеници што би се приклучиле кон нивната пратеничка група.
На прашањето колку пратеници се во игра, тој одговори дека засега е еден, но дека таа бројка ќе се зголемува.
– Засега е еден пратеник во игра, но потоа ќе бидат двајца и така натаму – истакна Жерновски и посочи дека процесот е во тек и дека се разговара и со поранешни коалициски партнери.
Без турбуленции
Во оваа спротивставена политичка реторика се вклучуваат и аналитичките процени.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски во разговор за „Слободен печат“ вели дека во овој момент не се очекуваат драматични поместувања во владејачкиот табор.
– Коалицијата е стабилна и не верувам дека ниту ЗНАМ ниту Вреди планираат да излезат од неа, или, пак, некој пратеник од нивната партија да премине во опозициска партија. Поверојатно е да се отцепи некој член од опозицијата и да се приклучи кон мнозинството или да делува самостојно. СДСМ во ниеден случај нема да се зајакне со нов пратеник, туку повеќе верувам дека ќе се расцепи таа партија и дел од пратениците ќе започнат да делуваат самостојно – оценува Пекевски.
Тој додава дека најголемите промени во наредниот период ќе се случуваат во рамките на извршната власт.
– Реконструкција на Владата најмногу ќе ги засегне министрите од ВМРО-ДПМНЕ затоа што верувам дека минимум тројца министри од таа партија ќе бидат заменети. Претумбации во коалицијата не верувам дека ќе има, освен промена на ресори во мај или во јуни кога ќе биде реконструкцијата – вели Пекевски.
Владината реконструкција е клучна
Контекстот дополнително се усложнува со процесите во албанскиот политички блок, односно со формирањето на новата партија Албански сојуз од страна на Зијадин Села и трансформацијата на Вреди во единствен политички субјект. Иако овие процеси се одвиваат внатрешно, тие имаат потенцијал да влијаат врз стабилноста на поширокото мнозинство.
Клучен момент во оваа динамика ќе биде реконструкцијата на Владата, најавена за мај или за јуни. Ваквите процеси традиционално отвораат простор за нови договори, но и за незадоволства, што може да се рефлектира и во парламентот.
Засега нема официјална потврда за организирани преминувања на пратеници од еден во друг табор. Но, спротивставените политички наративи – на власта за стабилност и на опозицијата за разнишување, дополнети со неофицијални деманти од коалициските партнери и најави за „окрупнување“ – го одржуваат прашањето отворено.
Во наредниот период вниманието ќе остане насочено кон Собранието, каде што ќе се покаже дали владината коалиција ќе ја задржи компактноста или ќе се отвори простор за ново политичко прегрупирање.
Мицкоски најави реконструкција на Владата во мај или во јуни – кои министри потфрлија во работата?


